И покрај сите апели на дел од експертската јавност, хидроцентралата Чебрен да не се дава во рацете на странци, државата не се откажува од тоа. Договорот со грчкиот инвеститор ќе биде потпишан, тврди премиерот Ковачевски. Кога точно не се знае, но според роковите тоа треба да се случи овој месец. Според познавачите, со влезот на странски партнер во Чебрен, економските штети за државава би биле огромни, се вели во прилогот на Телма.
-Во случај на партенство ефектот би изнесувал 250 милиони евра, ако инвестираме самите продаваме по сегашната цена од 53 евра нето сегашната вредност би била околу 1,6 милијарди евра, вели професорот Дејан Трајковски
-Струјата од наш џеб, ја даваме на некој, односно ја даваме во друг џеб. Сега имаме струја, а ќе треба нашата електрична енергија да ја купуваме на берза. Губиме сопствено производство, вели професорот Атанаско Туневски.
Инвеститорот кој ќе го гради Чебрен во пакет ја добива и ХЕЦ Тиквеш. Од друга страна ЕСМ размислува да го даде првиот од трите блока на РЕК Битола да го управува приватен оператор. Со ова се поставува прашањето дали полека се раздава имотот на државните електрани. Експертите велат секое раздавање е поткопување на енергетската независност на оваа држава.
-Еден од главните столбови е енергетскиот суверенитет, ако него го поткопате вие немате држава. Ако со струјата управуваат странци, ќе бидеме робови во сопствената држава, додава Туневски.
Експертите соопштија и дека реализацијата на целиот проект можно е да се одложи и нема да биде така лесна, затоа што странскиот партнер има поднесено жалба пред потпишување на договорот затоа што условите во тендерот се разликуваат од оние во одлуката на Владата. Уште еднаш апелираат до Владата да го стопира процесот и Чебрен да остане во рацете на домашните експерти и стручни лица. Во септември , Владата донесе одлука грчка компанија, да ја гради централата на Црна Река. Проценките се дека ќе чини една милијадра евра, заедно со камати. Државата нема да вложи пари во изградбата, но ќе го вложи Хец Тиквеш. ЕСМ пак кој се јавува како партнер ќе треба да изгради пат до централата и да ја поврзе на струјната мрежа. Исто така, за користењето на водата на Црна Река, грчката компанија ќе плаќа само еден отсто годишно од продадената струја.
Хидроцентралата Чебрен е децениски проект. Досега имало 13 неуспешни тендери за избор на инвеститор, во последните 20 години.