Синдикат на полиција во Македонија поднесе иницијатива до Собранието за изградба на меморијален споменик во Куманово, откако во Липково е изграден грандиозен споменик во чест на паднатите борци на ОНА од воениот конфликт во 2001 година.
Од Синдикатот велат, дека веќе поднеле иницијатива до Собранието за градба на меморијален споменик на територија на Општина Куманово за сите бранители и паднати борци од осамостојување на Македонија, кои што својот живот го дале за заштита на уставниот поредок и независноста на државата.
„Оваа иницијатива ќе биде поднесена согласно Законот за меморијални споменици и спомен обележје Сл.весник на РМ бр. 66/04,89/08,152/15 до Собранието, член 5 став 2. Сметаме дека загинатите бранители во независна Македонија заслужуваат соодветен третман од страна на државата и изградба на меморијален споменик токму на територија на Општина Куманово каде што се водеа голем број од борбените дејствија, а воедно очекуваме оваа наша иницијатива да биде поддржана од останатите невладини организации, здруженија, синдикати, индивидуални лица, интелектуалци и целата општествена јавност во Македонија, со цел еднаш засекогаш овие наши херои да бидат соодветно третирани и да добијат вистински меморијален споменик со кој ќе се одбележат нивните жртвувања за државата“, соопштува Синдикатот.
Иницијативата за изградба на спомен обележје на бранителите од конфликтот 2001 и кумановските настани 2015, синдикатот предходно поднесена до Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, но таа ќе биде во мирување додека се чека одговорот од Собранието.