Завршена е евакуацијата на цивилите од областа Херсон, на југот на Украина, која се наоѓа под руска контрола, а Украина се обидува да ја ослободи, изјави прорускиот лидер Сергеј Аксјонов.
– Заврши организираното заминување на жителите од левиот брег на Днепар на безбедна област во Русија, изјави синоќа Аксјонов, кој е прв човек на Крим, полуостровот во близина на Херсон, што Москва го анектираше во 2014 година.
Украина, која спроведува офанзива во областа откако им нанесе сериозни загуби на руските сили на други фронтови, ова преместување на жителите го нарече депортација.
– Среќен сум што сите што сакаа брзо и безбедно да ја напуштат територијата под украински оган можеа да го сторат тоа, рече Аксјонов на Телеграм, објавувајќи фотографија на која е со заменик-шефот на руската претседателска администрација Сергеј Кириенко.
Вршителот на должноста гувернер на регионот Херсон, Владимир Салдо, пред два дена изјави дека за помалку од една недела своите домови во оваа област ги напуштиле најмалку 70.000 цивили.
Украинската воена команда во својот денешен дневен извештај наведува дека продолжува таканаречената евакуација на привремено окупираната област Херсон.
Командата додава дека непријателските сили се акумулираат од десната страна на брегот на Днепар, во областа Херсон.