Неколку стотици активисти за заштита на животната средина денеска протестираа пред Бразилската амбасада во Париз и Лондон, додека судирот на лидерите за климатските промени се интензивира.
Демонстрантите носеа плакати со порака „Болсонаро надвор“.
Активисти од групата „Бунт против изумирање“ го повикаа бразилскиот претседател Жаир Болсонаро да ја заштити амазонската прашума.
Францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш претходно на Твитер изразија загриженост поради рекордниот број пожари што ја зафатија Амазонија.
Франција денеска соопшти дека е против трговскиот договор на ЕУ со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур затоа што Болсонаро ја минимизираше загриженоста за климатските промени, притоа обвинувајќи го дека го лажел францускиот лидер Макрон.
Во соопштението на Елисејската палата се наведува дека Болсонаро не ги почитувал своите „обврски кон климата“ и не го заштитил биодиверзитетот, така што Макрон може „само да заклучи дека претседателот Болсонаро го излажал“.
До заострување на тензиите меѓу Бразил и Франција дојде откако Макрон предупреди дека пожарите што ја зафатија Амазонија претставуваат „меѓународна криза“ и ги повика членките на Г-7 да разговараат за ова прашање на самитот во Бијариц, Франција, овој викенд.
Болсонаро одговори дека земјите кои донираат пари за заштита на шумите во Амазонија не го прават тоа од „милост“, туку за да се мешаат во суверенитетот на Бразил.
– Земјите кои праќаат пари не го прават тоа од милост. Тие праќаат пари за да се мешаат во нашиот суверенитет, рече Болсонаро на Фејсбук.
Светската фондација за природа соопшти дека Амазонија е „неповратно оштетена“ и предупреди дека наместо кислород може да почне да испушта јаглерод, кој е главен двигател на климатските промени.