Активисти за животна средина од движењето Последна генерација го блокираа сообраќајот на преминот Бренер на австриско-италијанската граница, по што мораше да интервенира и полицијата за да ги спречи возачите да ги нападнат активистите.

Нè газат, нè извлекуваат од патот, нè удираат и насилно не задржуваат“, коментира активист на „Последна генерација“ на видеото на кое се прикажани напади на разбеснетите возачи на автопатот пред граничниот премин Бренер на австриско-италијанската граница.

Полицијата потврди дека на местото на блокадата дошло до „нарушување“, но ги раздвоило раскараните страни. Како што јавија австриските медиуми, движењето „Последната генерација“ нешто пред пладне го блокира автопатот, кој е една од главните врски меѓу Северна Европа и италијанскиот полуостров, на ден кога автомобилските клубови предвидуваат најфреквентен викенд во годината на празникот во најголемата германска сојузна покраина Баварија.

Полицијата по само 20 минути успеа да ја ослободи едната лента од патот од активистите кои се залепиле за асфалтот, а набргу потоа и другата, но и покрај тоа, поради интензитетот на сообраќајот на југ, беа создадени километарки колони. Против дванаесет активисти се поднесени кривични пријави.

Ова е втор пат летово еколошките активисти да го блокираат најважниот пат на Австрија кон југ. „Јужна Европа гори и низ целиот свет се забележуваат рекордно високи температури“, се вели во соопштението за печатот на „Последната генерација“ во кое се повикуваат на зголемени мерки за запирање на климатските промени.

Вицепремиерот на австриската сојузна покраина Тирол, Георг Дорнауер (Социјалдемократска партија на Австрија) ги нарече постапките на еколошките активисти „апсурдни и нарушувачки“. „Свесни сме колку е итна оваа тема, но итноста често води до радикализација“, рече Дорнауер.

Претставникот на Австриската народна партија, Јакоб Волф, истакна дека едно од главните барања на Последната генерација, ограничувањето на брзината на автопатите до 120 километри на час, што особено важи за Германија каде што нема ограничување на брзината, нема смисла во Австрија.

„На автопатиштата во Алпите, и онака веќе важи ограничувањето од 100 километри на час. Активистите треба малку подобро да се информираат и да се држат до она што има смисла“, рече Дорнауер. Во Германија, активистите на „Последната генерација“ неодамна се фокусираа на борбата против „богатите“, меѓу другото, блокирајќи ги пистите за приватни авиони или фрлајќи боја по луксузните продавници, објави германски Билд.