Штипјанецот Киро Маџунаров е единствениот кој го мери нивото на реката Брегалница во источниот регион, но тој мери и колку се врнежите во текот на еден месец и на годишно ниво.
Без празници и викенди, тој секое утро мора да ги изврши овие мерења и да ги достави до Управата за хидрометеролошки работи. Според неговите мерења, јануари е еден од најсушните месеци. Податоците во овие тетратки, во кои уредно се бележи водостојот на реката и на дождовите говорат дека годината што помина, била една од најсушните во последните десет години.
-Минатата година имаме врнежи од 382 литри на метар квадратен, и претходните две години е под минимумот, што значи и 2017 и 2018 година изнесува 482 литри на метар квадратни, додека за јануари 2020 година е наврнато само шест литри на метар квадратен. Алармантна е хидролошката состојба во овој регион, вели Маџунаров.
Тој живее во штипската населба Ново Село, на само неколку метри од коритото на реката Брегалница, најголемата притока на реката Вардар. Од неговиот дом секојдневно ја гледа реката. Дваесет и пет години ја врши оваа работа и е педантен во тоа што го работи.
-Податоци собирам 365 дена во годината. Тие податоци, едните им ги давам на Управата за хидрометеролошки работи, а тоа е за хидрометеролошката станица, а за дождомерната веќе извесен период не им давам.. Наградите што ги земам од 2009 па наваму се помали во однос на тоа што јас ги примав во 1995 година. Значи во 1993 и ’94 година имаше некое покачување, мислам сто посто и наградите беа поголеми во однос на сега што ги зема. Сметам дека мојот труд не е сменет, а не само мојот, туку и на останатите кои ја работат оваа работа во земјава, вели Маџунаров.
Поради климатските промени и спречување на поплави и суши важно е да се мери водостојот на реките и количините на дожд. Тој вели дека работи во интерес на државата, а неговите податоци ги алармираат институциите и граѓаните од Брегалничкиот регион, дали има суша или се зголемува водостојот на реката Брегалница.
-Тоа најмногу се почуствува во 2013 година, кога имаше енермно зголемување на водостојот на река Брегалница, максимумот тогаш беше постигнат на 26 февруари во 13 часот, имаше 413 висина, што беше несвојствено за подолг период, можеби за 50 па и повеќе години. По тоа ниво почна да паѓа и тогаш преку медиумите беше соопштено и луѓето беа малку поспокојни, во споредба со периодот кога водата надоаѓаше, вели Маџунаров.
Неговите податоци покажуваат дека најсушни години досега биле 2011 и 2012 година, кога наврнале само 310 литри на метар квадратен во една година, а максималните врнежи ги има измерено во 2014 година, кога според податоците наврнале 790 литри на метар квадратен.
-Тоа се огромни разлики и можам да кажам дека овој период за кој мерам имам извадено просек од 510 литри на метар квадратен, имало и под тоа, но и над тој просе, рече Маџунаров.
За Маџунаров овие секојдневни мерења се татков аманет, но поради нискиот надоместок што го добива за оваа одговорна работа, не верува дека ќе се најде наследник во неговото семејство. Забележува дека едниот син веќе е заминат во странство, додека вториот е со високо образоавание, но гледајќи го односот кон него, не верува дека ќе ја продолжи оваа традиција.
Викторија Димитрова-Јованова за МИА