Жалам што веднаш не се почна со казни, 2.8000 премини на црвено светло и 1.000 нерегистрирани возила со сомнителна техничка исправност се потенцијална опасност за сообраќајна несреќа и закана за сите останати учесници во сообраќајот, потенцира ббезбедносниот експерт и универзитетски професотр Воислав Зафировски во „За или против“ со Љупчо Цветановски.

-Имавме ситуација за 12 часа да имаме 65.000 прекршоци за 12 часа во градот Скопје и искрено ќе кажам, жалам што веднаш не се почна со казнување на прекршителите. Ќе прашате зошто? Затоа што од тие 65.000 прекршоци, 2.800 се однесуваат на поминување на црвено светло на семафор. А минување на црвено светло не значи ништо друго, освен свесно учество во потенцијална сообраќајна несреќа, во која е прашање дали ќе се сведе се само на материјална штета или ќе има повредени, ќе има жртви итн. Тоа е со умисла. Жалам што не се казнува веднаш. Реков, 2.800 поминувања на црвено светло, 1.000 прекршоци се констатирани за нерегистрирано патничко моторно возило. Што значи тоа? Тоа значи дека илјада луѓе со технички сомнителни возила учествуваат во сообраќајот. Возила, кои исто така се потенцијална опасност за сите останати учесници во сообраќајот. Оттука велам, жалам што уште веднаш не е стартувано со ефективни казни за овие луѓе кои учествуваат во сообраќајот и се потенцијална опасност за секој еден друг кој се придржува до прописите во сообраќајот, посочи Зафировски.

Зафировски објаснува дека „Сејф сити“ ќе влијае и психолошки врз потенцијалните прекршители, кои не се плашат од висината на казната, туку од тоа да бидат фатени.

-Ова е за првпат да се направи еден ваков пристап, што за мене е многу добро, а ќе биде добро и за сите оние граѓани кои се држат до словото на законот, кои го почитуваат законот и прописите. Зошто? Сите криминолошки истражувања до сега упатуваат на заклучок дека оние што чинат прекршоци и кривични дела, не се плашат од висината на казната, се плашат, односно стравот е голем да не бидат фатени. Тоа се два психолошки моменти. Е сега, нема бегање! Затоа што овде е вклучена техника, сензори, вклучени се камери и се’ се регистрира,  објаснува безбедносниот експерт Воислав Зафировски во интервјуто на Алфа.