Струмичани се гушат во чад и смрдеа, а прошетка во попладневните часови е невозможна и поради печење на очите. Ова ќе го почувствувате и ако го отворите прозорецот, јавува Телма. А мерните инструменти за загаденост на воздухот пак, деновиве покажуваат алармантни бројки. Активистите од „Здрава котлина“ на официјалната фејсбук страница обвинија дека за тоа е виновна како што ја нарекоа струмичката канцерогена бизнис мафија.
На обвинувањата на активистите се приклучија и локалната власт и опозицијата. Градоначалникот Костадинов им ја сподели објавата со коментар дека општината е подготвена да ги чешла индуструските капацитети, но и домаќинствата за да се утврдат причините за загаденоста.
На тоа од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е крајно лицемерие, бидејќи СДСМ во Струмица е на власт 18 години и ако сакале овие прашања ќе биле решени.
Како последица на загадувањето, во Струмица стапуваат на сила мерките за справување со загадувањето на амбиенталниот воздух. Мерната станица покажала дека е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри кој согласно регулативата два последователни изнесувал над 150 mg/m3. Врз одлуката на МЖСПП влијаела и временската прогноза на УХМР.
Единиците на локалната самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.
Во вакви случаи се препорачува да се избегнува престојување на отворен простор, се ослободуваат од работа бремените жени и повозрасните лица, лицата со хронични болести и сите други засегнати лица кои спаѓаат во оваа група на ранлива категорија.
Ова е прв пат годинава да се прибегне кон вакви препораки и мерки од почетокот на оваа грејна сезона.