Во најновите резултати од истражувањето на Балканскиот барометар 2023 година на Регионалниот совет за соработка, албанските граѓани мислат дека нивната земја е покорумпирана во споредба со сите други земји од Западен Балкан.
-Oд испитаните албански граѓани 38 отсто сметаат дека корупцијата е важен проблем за економијата на земјата. Оваа перцепција е највисока во регионот во 2023 година, со разлика од 12 процентни поени со Босна Херцеговина и Македонија со ист процент од 26 отсто. Четврта е Црна Гора и петта Србија каде показателите се 25 отсто. Граѓаните на Косово имаат најниска перцепција за корупција во Западен Балкан, со 22 отсто. Просекот на ниво на регионот е 27 отсто, јави Ора њуз.
Процентот на албанските граѓани кои сметаат дека корупцијата е вознемирувачка за економијата на земјата е значително зголемен во споредба од пред една година, кога показателот беше 27 отсто, а земјата беше на трето место по Босна и Херцеговина (34 отсто) и Србија (28 отсто).
-Споредено со другите балкански земји, единствено Албанија претрпела толку високо влошување на перцепцијата за корупција. Македонија бележи благ пораст од еден процентен поен, додека во другите земји е намалена перцепцијата на граѓаните за корупција, особено во Босна и Херцеговина, додава телевизијата.
Голема загриженост албанските граѓани искажуваат за економијата или 50 отсто од испитаниците. Сепак, ова ниво е трето во регионот, по Македонија (55 отсто) и Црна Гора (51 отсто).
Деновиве и високата државна контрола потврдила дека над 700 милиони евра изнесува економската штета на државниот буџет од корупција.
Претходно медиумите пренесоа дека според Балкански барометар над 49 отсто од албанските граѓани мислат дека треба да живеат и работат во странство.