Во периодот од 2010 до 2019 година, околу 500 илјади граѓани ја напуштиле Албанија, стои во студијата изработена од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за нето миграцијата во Западен Балкан.
-Експертите на Институтот обработиле податоци од Евростат за земјите од ЕУ и од земјите што не се членки на ЕУ. Бројот на иселеници за Албанија е пресметан преку одобренија за дозволи за престој издадени за првпат од овие земји, при што 56 отсто од дозволите се дадени од семејни причини, 17,5 отсто за работа, а остатокот се пријавени од други причини или студирање, пренесува агенцијата Балкан веб.
Албанија е со најголем број иселеници (498.875) во споредба со Србија (351.730), Босна и Херцеговина (272.155), Косово (246.540), Северна Македонија (160.633) и Црна Гора (22.080).
Како главна причина, според експертите од Виена е високото ниво на сиромаштија „појава што ги објаснува големите емиграциски текови, особено во Албанија и Косово“.
-Според Светска банка Албанија и Косово се двете земји со најниско ниво на приход по глава на жител во регионот и со највисоко ниво на сиромаштија и следствено на тоа имаат
најголема емиграција. Друг фактор се мрежите на дијаспората, кои обезбедуваат информации и ресурси кои ја олеснуваат емиграцијата. Тука секако и олеснувањата што ги даваат државите за да привлечат работна сила, стои во извештајот.
Се нагласува исто така дека во Албанија, за разлика од другите земји во регионот, има емиграција од сите возрасти, но таа е многу поизразена кај помладата популација.