Украдени икони од македонски цркви, кои денеска беа предадени на македонската делегација во Тирана, Албанија, од вечерва се изложени во Музејот на Македонија. Вкупно 20 икони кои беа украдени од цркви од струшкиот регион беа вратени денеска од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година.
На изложувањето во Музејот на Македонија присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и членот на МАНУ кој всушност ги препозна иконите, Сашо Цветковски.
По завршувањето на овој процес за враќање на 20- те украдени икони во земјава, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија
Постапката за враќање на украдените икони во земјава од Албанија почна во 2013 година, со интенизвни активности во последните две години.
Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западниот и Југозападниот дел на земјава, од каде што се однесоа стотици икони. Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје