Судот во северниот албански град Кукс, во отсуство и изрече казна затвор во траење од шест години, на косовската пејачка Фјола Морина, која на 19 септември минатата година, на граничниот премин Морина, на албанско – косовската граница беше приведена, откако кај неа беше пронајдено оружје и муниција.

Под обвинение за „трговија со оружје и муниција“ нејзе и беше одредена мерка домашен притвор, со обврска секојдневно јавување во полицискиот комесаријат во Кукс.

Но, последно нејзино јавување е регистрирано на 20 јануари кога успеала да ја напушти територијата на Албанија и додека полицијата трагаше по неа таа почна да ја „предизвикува“ со фотографи од места каде престојува.

Меѓу другото постираше фотографии од нејзиниот престој во Дубаи, со познатиот бизнисмен Фисник Сула, а на 19 март и од нивната, како што напиша свадба од соништата, на Малдиви.

 

Кај Фјола Морина (35) при контрола на влез во Албанија, пронајдени и запленети беа огнено оружје тип „зораки“ со 23 куршуми, како и пиштол со изглед на запалка.