Кога ќе се стресе земјата, а се тресе секоја вечер, крвта се замрзнува во вените, ја започнува својата приказна Агим Цека, угостител од Драч додека го гледа својот урнат хотел лоциран на плажата, пишува загрепска Хина.
Неговиот Драч, град со повеќе од 300.000 жители, најмногу претрпе во катастрофалниот земјотрес што ја погоди Албанија рано утрото на 26 ноември.
– Само да сме живи, потоа ќе размислуваме за обнова на хотелот, вели Агим, појаснувајќи дека Драч една недела по земјотресот бил пуст град.
Поголемиот дел од населението го напушти градот и се упати кон другите делови на Албанија, Косово или Црна Гора. Агим исто така поминал неколку дена во Гусиње, Црна Гора, кај роднини.
– Првата и втората вечер по земјотресот спиевме во автомобилот на пазарот. Првите денови беше катастрофа. Потоа отидов кај моето семејство во Гусиње. Патувавме долго време затоа што имаше голема гужва. Сите си заминуваа од Драч, раскажува Агим.
Неговиот хотел има 24 апартмани и голем ресторан. Внатре е се уништено, но носечките столбови се исправни и нема да мора да се руши до темел, како некои други хотели покрај морето. Агим очекува, како што најави албанската Влада, реновирањето на хотелите да го преземат изведувачи.
– Ајде да видиме, премиерот Рама изјави на телевизија дека тие што ги изведувале работите, бидејќи не граделе квалитетно, повторно ќе ги изградат сите згради и хотели, вели Агим.
Во земјотресот што го зафати Драч на 26 ноември загинаа 25 жители. Од тогаш до денес во Албанија беа регистрирани преку 1.500 помали потреси.
Први апсења поради лоша градба
Веднаш по земјотресот почна истрага. Неполни два дена откако во Парламентот положи заклетва, главниот обвинител Орсиан Цела беше во Драч. Формиран е истражен тим кој наскоро ќе ги објави резултатите.
– Има луѓе кои го прекршиле законот и многумина ги загубија своите животи. Одговорност ќе биде утврдена, без разлика дали станува збор за градежник или службеник. Во никој случај нема да има никакво двоумење, рече Села во Драч.
Една недела по неговата посета, во саботата Обвинителството издаде 17 налози за апсење под обвинение за убиство и злоупотреба на службената должност за смртта на 51 лице загинато во земјотресот.
Полицијата и Обвинителството соопштија дека првичните истраги покажале дека „причина за губење на животите во урнатите згради е тоа што градителите, инженерите и инвеститорите не се придржувале кон правилата, нормите и стандардите за градење“.
Проценетата штета меѓу половина и милијарда евра
Во земјотресот во Тирана на 26 ноември загина 20-годишна девојка. За разлика од Драч, во албанската престолнина беа урнати згради изградени во периодот на доцниот комунизам во Албанија кон крајот на 80-тите и раните 90-ти години, кога се градело без никаква контрола, вели Ерион Велиај, градоначалник на Тирана. Поновите згради и облакодерите поминаа без оштетување.
Властите во Тирана се обидоа да сместат 1.200 семејства кои останаа без покрив над главата во нови станови во близина на нивниот урнат дом за да не ја менуваат нивната секојдневна рутина.
– Сфативме дека луѓето треба да се вратат во нормалните животни навики, да не бидат под шатори, засолништа или спортски сали, вели градоначалникот.
Поради ова, градот веднаш им додели пари за кирија на околу 1.200 семејства кои останаа без покрив во земјотресот во зграда најблиска до нивната, а не оштетена. – Значи, тие одат на иста работа, во иста продавница, децата во истите училишта и градинки, пијат кафе во нивното кафуле, објаснува Велиај.
Според албанските власти, по катастрофалниот земјотрес, околу 20.000 луѓе останале без покрив над главата. Ако живееле во станбени згради, тие се урнати или оштетени толку многу што повеќе не може да се живее без реконструкција. Изградбата се очекува да биде на пролет, а државата ќе плаќа кирија за следните 12 месеци на секој што остана без дом.
Вкупната штета на државно ниво, според Велиај, ќе изнесува од половина до една милијарда евра.
Целта е да се избегне економски потрес
Албанскиот главен град се подготвува за божиќните и новогодишните празници. Целта на градската власт, предводена од 40-годишниот социјалист Велиај, е градот што поскоро да се врати во нормалниот живот. Тој вели дека вообичаено по природна катастрофа доаѓа до „економски земјотрес“ и градската власт сака да го избегне тој потрес.
– Мислам дека силата на градот е во тоа колку брзо ќе се крене по ваков пад. Така, сега нашата цел е повторно да се вратиме на нозе. Затоа оваа недела ги отворивме јавните институции, 98 проценти од училиштата и градинките. Ние го украсивме градот за божиќните и новогодишните празници, вели градоначалникот.
Тој посочува дека градот сака да ја избегне економската рецесија што обично следи по вакви природни непогоди.
– Ние не сме жртви, ние преживеавме, жал ни е за се што се случи, но мораме повторно да застанеме на нозе и да продолжиме, вели Велиај.
Целта е, според него, да се поттикне потрошувачката кај граѓаните. Тој ги повика соседите, наместо да праќаат облека која не му треба на никого, да поминат еден празничен викенд во Албанија.
– Бизнисмените прашуваат дали да купат облека. Ние им велиме: не треба да купувате облека, но има неколку работи што можете да ги направите, да вработите луѓе, да трошите и да го поттикнете трошењето… Па, да речеме, ако сакате да им помогнете на Тирана или Драч, или ако некој во Црна Гора или Хрватска сака да помогне, дојдете за викенд и потрошете ги парите овде, вели Велиај.
Соседите први дадоа помош
– За неколку часа, добивме помош и поддршка од сите наши соседи. Поговорката вели дека не можете да ги бирате соседите, но ако Албанија би можела да избира, нема да избере подобри соседи од оние што ги имаме, вели градоначалникот на Тирана.
Во раните утрински часови на 27 ноември, само неколку часа по катастрофалниот земјотрес, спасувачи од околните земји беа на подрачјето на Албанија. Во Драч ги сретнал и Агим Цека, кој вели дека спасиле многу животи во првите часови.
– Сите дојдоа, дојдоа сите соседи од Балканот. Тие велат дека биле тука за пет-шест часа. И спасија многу животи, забележува Агим.