АЛБАНИЈА: СПАК почна истрага во врска со сомнежите за злоупотребите на средствата од ИПАРД

/ 05.10.2023

Во оваа фаза истражителите вршат проверки и сè уште не е евидентирано име на ниту едно лице. Европската унија на 19 јули годинава привремено ги прекина средствата за Албанија во областа на земјоделството.

Албанското специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, ги започна истрагите во врска со сомнежите за злоупотребите на средствата од ИПАРД програмата што ги користеше министерството за земјоделство, потврди првиот човек на Специјалното обвинителство, Алтин Думани.

Во оваа фаза истражителите вршат проверки и сè уште не е евидентирано име на ниту едно лице. Европската унија на 19 јули годинава привремено ги прекина средствата за Албанија во областа на земјоделството.

Делегацијата на Европската унија во Тирана соопшти дека Европската комисија презела мерки на претпазливост врз основа на првичните информации дадени од Европската канцеларија за борба против измами, по истрагата за наводите за корупција поврзани со спроведувањето на програмата ИПАРД II.

-Како превентивна мерка за заштита на финансиските интереси на Европската унија, Европската комисија привремено ги суспендираше надоместоците на албанските власти за трошоците направени во рамките на ИПАРД II програмата за земјоделство во Албанија. Европската истрага продолжува и проектите доделени во 2014-2020 година во Албанија се под контрола, јави abcnews.al.

Во 2018 година, Агенцијата за земјоделство и рурален развој (АРДА) во Албанија, беше акредитирана за ИПАРД II Програмата, за распределба на грантови со вкупен буџет од 94,6 милиони евра, од кои 71 милион евра издвои Европската комисија, а 23,6 милиони евра беа распределени од националниот буџет на албанската држава. Или, 75 отсто пари од ЕУ, 25 отсто од албанскиот буџет.

Доколку се потврдат сомнежите, Албанија ризикува да не продолжи со ИПАРД III фазата, која предвидува грантови до 146 милиони евра. Анализата на корисниците на ИПАРД програмата во Албанија разоткрила врски со политиката, јавната администрација и криминалот.

Во однос на ова прашање премиерот Еди Рама при неодамнешната посета на Хрватска изјави дека „Ќе земеме пример од Хрватска, ќе го исправиме јазолот на администрацијата на фондовите на ЕУ“, додавајќи дека ќе има реорганизација на администрацијата на фондовите на ЕУ за земјоделството.


Од истата категорија