Завршувањето на трансјадранскиот гасовод, ТАП и пандемијата со Ковид-19 значително ги намалија странските директни инвестиции во Албанија, објави Централна банка на Албанија.
Според банката приливот на странски капитал во албанската економија во периодот јануари – септември, достигнал 691 милиони евра, што е намалување за 13,7 отсто (110 милиони евра) во споредба со истиот период од минатата година.
-Енергетиката, која доминираше низ годините со странски инвестиции, за 9-месечниот период достигна вредност од 229 милиони евра, што е намалување за околу 14 отсто од пред една година, наведува банката.
Единствени проекти што наскоро би можеле да го заменат оној на ТАП и ХЕ „Девол“ се соларната централа во Караваш, инвестиција што треба да ја реализира француската компанија „Волталија“, како и хидроцентралата „Скавица“, што е американска инвестиција.
-Најдлабок пад е забележан во проектите во индустријата за ископ кои за периодот јануари-септември се намалиле за околу 42 отсто. Иако падот е помалку ограничен, тој се појавува и во банкарските и финансиските услуги кои продолжува да бидат еден од главните извори на странски директни инвестиции, потврдува банката.
Холандија и Швајцарија се двата најголеми странски инвеститори во земјата во деветмесечниот период од годинава, бидејќи според податоците на Банката, инвестициите од овие земји достигнале вкупна вредност од 348 милиони евра.
За околу 60 отсто раст бележи приливот на странски капитал од Турција, кој за девет месеци изнесува 69 милиони евра. Сектори во кои доминираат турските инвеститори се финансискиот систем (банкарство), тешката индустрија (ископ и преработка на челик), градежниот сектор, но и енергетиката.