Коалицијата „Вреди“ повторно ја актуелизира идејата за Албанска академија на науките и уметностите во земјава– на состанок меѓу нивните четворица градоналници, лидерот на Алтернатива и членови на ова тело, барале начин како таа да стане државна институција. Првиот чекор велат е финансирање од општинските буџети на Тетово, Гостивар, Чаир и Желино, сега очекуваат разбирање и поддршка за академијата да стане установа бидејќи, како што велат, нивната цел не е да предизвикаат етнички тензии или паралелизам во Македонија.
„Ние како коалиција ВЛЕН ја поддржуваме оваа идеја, овој проект, затоа што цениме дека дојдено е време Албанците да бидат претставени соодветно и на академско ниво.“
„Бараме од новинарите, од политичарите, да нѐ гледаат како пријатели, како луѓе кои се бават со научна истражувачка дејност, ние не сме политичка организација. Ние бараме основни работи, општините кирија да ни подмират и патни трошоци.“
За оваа тема Вреди немаат поддршка од коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Официјалниот став од Владата за денешната средба по повод албанската академија, е дека во земјава постои само една единствена институција за науките и ументностите.
„Цениме како влада дека сите политички и општествени чинители треба да имаат една единствена цел а тоа е како да се подобри животниот стандард на граѓаните. Цениме дека во науката не треба да се дава никаков примес, освен за тоа како да се унапреди. Македонија има таква институција, која е наречена МАНУ.“
Албанската академија на науките и уметностите е едно од првите прашања кои Вреди ги отворија откако влегоа во владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Уште
тогаш оваа идеја беше експресно отфрлена од премиерот Мицкоски, со став дека веќе постои МАНУ и паралелна научна институција со етнички предзнак не може да се формира. На иста линија се и членовите на МАНУ, појаснувајќи дека во нивните редови веќе има четворица академици Албанци и науката не треба да се етнизира и политизира.