Информативната агенција на албански јазик ИНА „откри тестамент“ на Александар Македонски и тоа дека големиот војсководец „не бил ни Македонец, ни Грк, туку Албанец“.

„Со своите зборови дека е потомок на семето на Илирите, со кои му се обраќа во една пригода на народот на Скадар, наведени во еден негов тестамент, Александар Велики го потврдува своето албанско потекло, односно дека не бил ниту Македонец ниту Грк, туку Албанец“, пишува ИНА во својата статија под наслов „Откривањето на еден тестамент на Александар Велики ги шокира Грците и Македонците, бидејќи го потврдува неговото албанско потекло“.

ИНА се повикува на едно истражување на Италијанката Луција Надин во врска со Александар Велики.

„Сите сме читале за подвизите на Александар Велики, но она за што се расправа остро денес ширум светот е неговото потекло. Но, изгледа дека на сите илузии им доаѓа крајот, откако оваа недела истакнатиот италијански истражувач Луција Надин го откри ‘тестаментот’ на Александар Велики. Во него му се обраќа на народот на Скадар со зборовите дека е ‘потомок на семето на Илирите’ и оти им дава територија на управување.’ Документот е објавен од италијанскиот истражувач Луција Надин, која спровела научно истражување за Александар Велики“, наведува ИНА.

Натаму објавува „што пишувал војсководецот“:

„Еве што пишува во писмото: ‘Јас, Александар, син на Филип, кралот на Македонците, олицетворение на монархијата, создавач на Грчкото царство, син на Зевс, соговорник на Брахманите и Пемите, на сонцето и месечината, победник врз царствата на Персејците и Медите, Господар на Светот кај што изгрева и кај што заоѓа сонцето, потомок на прочуеното семе на Илирските народи на Далмација и Либурнија и на другите народи со истиот јазик, кои го населуваат Данубиус и централната зона на Тракија, ги пренесувам љубовта, мирот и моите поздрави, на сите кои го следат владеењето на светот“, наведува ИНА.

Понатаму албанската информативна агенција додава:

„Тестаментот е откриен и преведен од италијанскиот истражувач Италијанката Луција Надин, која го објави во научното истражување под наслов „Статутот на Скутари од првата половина на 16. век со дополнувања до крајот на 1469 година“.