Опозицијата на Албанците во Македонија не се откажува од свој кандидат на претседателските избори, објавува Телма. Не сакаат да ја коментираат посетата на високи функционери на СДСМ на Косово, каде се сретнаа со функционери од партијата Самоопределување, што поттикна шпекулации дека дошле со молба, Албин Курти да влијае кај нив, да не излегуваат со кандидат за претседател на државата, затоа што тоа ќе ги принуди ДУИ да кандидираат свој човек, наместо да дадат поддршка за кандидатот на СДСМ.

Од СДСМ, пак, тврдат дека средбата со функционери од партијата на Курти била за да се продлабочи соработката, особено меѓу политичките подмладоци, откако Самоопределување стана придружна членка на Партијата на европски социјалисти.

Лидерите на трите партии, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, како и советникот на Албин Курти, Беким Ќоку, пак, се во неколкудневна посета на Вашингтон, каде се сретнаа со конгресменот Џим Химс, копретседател на Претставничкиот дом на САД и сенаторката Џони Ернст, ко-претседателка на групата за албански прашања на американскиот сенат.

Главна тема на дискусиите, според нив, било забрзувањето и финализацијата на интеграцијата на земјата во ЕУ и геополитичките влијанија во регионот.

Но, оваа посета ги засили шпекулациите објавени во албанските медиуми дека меѓународната заедница инсистира албанските политички партии да потпишат „нон пејпер“ дека не би коалицирале со партија која нема јавно да изјави дека во првите шест месеци од новиот мандат ќе ги направи уставните измени. Дел од аналитичарите ова го нарекоа Тиранска платформа 2, но дел сметаат дека се само политички игри во пресрет на посетата на американскиот помошник државен секретар Џејмс О’Брајан на земјава наредната недела.