Албанската полиција побара помош од граѓаните за апсење на сторителите на вооружениот напад во угостителски објект во Тирана и распиша награда во износ од 20 илјади евра за секој кој ќе даде корисна информација.
Државната полиција ги повикува граѓаните да дадат информации за сторителите на овој немил настан и нуди награда од 20.000 евра за секоја вредна информација што ќе доведе до идентификација на сторителите. Државната полиција го прави достапен на јавноста и бесплатниот телефонски број 069 41 11 546, стои во полициското соопштение.
Во него се наведува и динамиката на кримилното дело, при што се наведува дека возилото со кое пристигнале пред објектот, марка „БМВ“, било украдено во Драч.
Сторителите пристигнале со возило БМВ со странски регистарски таблички, го застанале пред кафеаната на Фатјон Мурати, познато име на полицијата. Двајца од сторителите излегле од автомобилот и отвориле оган со автоматски пушки во правец на кафеаната, по што се оддалечиле од местото. Во возилото кое е пронајдено запалено во село Ликметај беа пронајдени и три автоматски пушки. Од проверката на бројот на шасијата, излегува дека БМВ сива боја било украдено во текот на ноќта на 12.03.2021 година во Драч, се наведува во полициското соопштение.
Според полицијата, во пукотниците животот го загубила Мимоза Паја (58) која била вработена како шанкер, а повредени се пет граѓани на возраст од 42 до 55 години, од кои тројца и понатаму се во трауматолошката болница и добиваат лекарска помош. Девојче на возраст од 10 години, внука на убиената, се здобило со повреди на раката од скршените стакла од престрелката.
Полицијата соопшти дека Мурати бил во домашен притвор, откако при претрес во неговиот дом било пронајдено оружје. По синоќешниот инцидент полицијата не го пронашла во неговиот дом. Постојат основи на сомневање дека претходно заминал за Косово, а потоа за Турција.