Пред една година Единицата за антитероризам на Косово открила план за егзекуција на премиерот на Косово, Албин Курти, на Исмет Хаџа, поранешниот член на Службата за информирање на Косово, како и на Џавит Халит, пратеник од редовите на Демократска партија на Косово.
Ваквата информација ја објави албанската телевизија „А2 Си-ен-ен“ наведувајќи дека дека дошла до документ кој ирански хакери го украле од поранешниот генерален директор на полицијата на Албанија, Гладис Нано.
На телеграм-каналот „Homeland Justice“ се објавени пораките од електронската пошта на поранешниот директор на полицијата Гледис Нано, како и други информации за него, како што се неговите движења во странство.
Според информациите од Единицата за антитероризам, прва цел требало да биде Исмет Хаџа, втора Џавит Халити, кој требало да биде убиен еден месец по Хаџа за тоа да се претстави како одмазда, за на крајот да биде убиен и премиерот Албин Курти. Според информациите, целта на овие напади била да се дестабилизира Косово.
Како што објави телевизијата, осомничен за ова е Прек Кодра, албански државјанин. Во документот е забележано дека тој има добри вештини во ракување со оружје, а претходно бил осомничен дека е вмешан во повеќе убиства во Косово и Црна Гора.
Од канцеларијата за односи со јавноста на владата на Косово потврдуваат дека косовскиот премиер Албин Курти бил информиран од Косовската разузнавачка агенција дека има план за негово убиство во 2021 година.
„Премиерот на Косово, Албин Курти, беше известен за овој случај од Косовската разузнавачка агенција. Безбедносните институции ги презедоа сите мерки за да се спречи оваа акција. Случајот не е објавен во јавноста за да не се шири паника“,
се наведува во соопштението на кабинетот на косовскиот премиер.
И пратеникот Џавит Халити за косовските медиуми изјави дека од косовската полиција бил информиран дека е во животна опасност.
„Косовската полиција ме извести дека сум во животна опасност и ме предупреди да бидам повнимателен“, изјавил кратко Халити.
Како што наведува албанската телевизија, целта на овие напади е да се дестабилизира Косово.