Селективна правда е најголема неправда. Правната фела со критики за планот на власта. Предупредуваат-ако има закон за амнестија мора да бидат опфатени осудените за 27-ми април и сите други. Се друго би покажало дека власта носи закон со кој што ги ослободува сите, освен политичките осуденици. Адвокатот Драган Пешевски за Алфа вели дека ова е класичен пример на селективна правда.

-Селективна правда не е правда туку е уште поголема неправда. Ова е класичен пример на селективна правда и тука мора да се надоврзам дека ова уште еден во низата во последниов период донесени политички инструирани закони со кој што апсолутно се порива правниот поредок во Република Македонија, изјави Пешевски.

Со сличен став е и адвокатот Сашо Дукоски. Во изјава за Алфа и тој вели дека не постои правна држава каде што постои селективна аменстија.

-Кој е тој правен „генијалец“ кој што сугерира некакво привилегирање, односно немање законска можност за одредени кривични дела. Значи поголема глупост немам слушнато од тоа дека може да важи за определени кривични дела. Секако дека мора во една нормална правна држава која што се заснова на право да важи амнестијата за сите кривични дела, изјави Дукоски.

Според него ако ваков закон помине без да бидат ослободени осудените за 27-ми април, мора да реагира Уставниот Суд. Сепак ова сценарио според него е малку веројатно.

-Тоа се едни глупави политички одлуки. Или даваш амнестија за сите или не даваш амнестија. Во нормални правни држави каде има нормален Уставен Суд една минута не би издржала проверваката на уставноста ваков селективен закон, изјави Дукоски.

Според Пешевски најголемиот проблем е што осудените за собраниските настани отслужуваат казна за дело кое воопшто не го сториле.

-Не разбирам зошто не би биле опфатени. Кога кажав општа амнестија кажав да важи општо за сите, тоа ги опфаќа и тие лице. Втора работа треба да сфатиме дека тој предмет уште од самиот старт се гледа дека е воден со политички позадини и тие се политички затвореници. Овој закон очигледно не ги опфаќа оние затвореници кои што се затворени од политички причини, изјави Пешевски.

Инаку, со новиот закон се предвидува намалување на казните за одредени кривични дела, а меѓу нив не се опфатени осудените за 27-ми април. Премиерот оваа одлука ја оправдува меѓу дрогото со тоа што затворите во Македонија биле преполни.