Во 2018-та година како резултат на договорот меѓу Македонија и Бугарија формирана беше заедничката историска комисија. Македонските историчари на чело со Драги Ѓоргиев, за преговорите и разговорите со бугарските колеги инкасираа над 250.000 евра пари на граѓаните, објавува АЛФА. За добиените средства и не можат да се пофалат со некаков голем успех. Договорија дека Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, повеќе не се само македонски историски личности, туку и бугарски, но и регионални и европски.

Ова станаа новите офцијални историографски позиции на Македонија по состаноците на заединчката историска комисија со Бугарија. Посебно проблематична е ситуацијата со Цар Самоил. За него се наведува дека историската наука го смета за цар во Бугарско царство и тоа во протоколот кој стана дел од преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, за која добивме порака дека не може да се менува.

-Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија, пишува во протоколот.

Бугарската теза е прифатена и во однос на светите браќа Кирил и Методиј, па сега нивното одбележување во 19-от век започнало во Пловдив, Бугарија, а не кај нас. Ова сега е факт со потпис од македонска страна.

-Денот на нивниот црковен празник започнува да се одбележува во училиштата. За првпат тоа се случува во Пловдив во 1851 година. Процесот на духовно будење и еманципација наоѓа израз во сеприсутното одбележување на празникот во многу училишта на територијата на современа Република Северна Македонија и Република Бугарија, се вели во протоколот.

Речиси ништо од барањата на македонските историчари не го прифаќаат нивните бугарски колеги, а тоа не го прават ниту политичарите од Македонија. Тие дозволија историјата да стане дел од преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, иако и првиот човек од македонскиот дел на Комисијата кажа дека такво нешто е недозволиво.

-(ДАЛИ СПОРЕД ВАС Е ДОЗВОЛИВО ДА БИДАТ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКИОТ ПРОЦЕС?) Веќе ви реков според мене историјата и историските разговори меѓу двете држави треба да останат надвор од политичкиот процес на разговори (АКО БИДАТ ДЕЛ ДАЛИ Е МОЖНО ДА СЕ ДОЈДЕ ДО РЕШЕНИЕ?) Тогаш треба да се внимава пред се да не дојде до тоа, апсолутно не смее да дојде до тоа, ако се случи такво нешто тогаш мислам дека ќе биде многу многу тешко да се заедно вклопат политиката и историјата, изјави Ѓоргиев.

Од самниот почеток на работата на Комисијата постоеја сомнежи дека политиката меша прсти во историските работи. Поради тоа во 2021-ва година од работата на оваа Комисија се повлече професор доктор Ванчо Ѓоргиев, поради како што кажа политички притисок и разочараност на македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи од работата на историската комисија.

-Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата, што кулминираше во текот на првиот работен ден (21.10.2021 година) на 15-тата редовна средба, преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР, соопшти тогаш Ванчо Ѓоргиев.

Во моментов членови на заедничката историска комисија од македонска страна се првиот човек Драги Ѓоргиев, Петар Тодоров, Александар Литовски, Љубица Спасковска и Исамедин Азизи. За својата работа тие наплатиле и повеќе од солени хонорари, над 250.000 евра. Најмногу од сите се офајдил шефот на Комисијата Драги Ѓоргиев, кои инкасирал повеќе од 80.000 евра за преговори и разговори со бугарските историчари.