Влез во ЕУ, повисок животен стандард, стабилна економија, инвестиции, безбедна држава… Да имавме избори секоја година и да се исполнуваше она што го ветуваат СДСМ можеби Македонија ќе наликуваше на Луксембург или Швајцарија – старите ветувања не ги исполнија, иако имаа седум години за тоа. Коалицијата предводена од СДСМ ја претстави програмата „За европска иднина“.Димитар Ковачевски убеден дека ќе победи, со веќе слушната реторика, вети брда и долини. вели ТВ АЛФА во својот прилог.
Затоа, мотивирани и посветени да ги искористиме деновите кампања пред нас и пред граѓаните да ги презентираме нашите планови, идеи, конкретни проекти преку позитивна кампања која ќе ја потенцира нашата европска визија. Да покажеме дека Коалицијата за европска иднина е најдобриот избор кој ќе обезбеди европска и просперитетна иднина за Македонија – рече Ковачевски на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
Носителот во четвртата изборна единица, Филипче вети високи плати за лекарите. Според поранешниот министер за здравство власта направила многу за здравствениот систем – иако работите на терен се поинакви: Решение за вработување добиваат оние кои имаат врски, младите специјализанти работат и втора работа да можат да преживеат, се плаќа 10 000 евра за приватна специјализација а се зема 26.000 денари плата….
„Платите за специјалистите ќе се зголемат во терциерното здравство до 180.000 денари, во секундарното здравство до 140.000 денари, на општите лекари до 120.000, на медицинските сестри со висока школа до 90.000 денари, а на оние со средна 60.000 денари“, изјави поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Со огромни и амбициозни ветувања се расфрлаа и носителите на другите листи. Борба против криминалот и задоволна полиција најави Оливер Спасовски. Лукаревска вети по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години и субвенции за станови за млади брачни парови, носителот во петката Јован Митрески најави реформи во правосудството, Славјанка Петровска најави армија на среќни луѓе и задоволни граѓани.Претходно СДСМ ги промовираше и кандидатските листи за пратеници – на кои се најдоа во најголем дел нови имиња. Во партијата имаше големо незадоволство за 12темина избрани на Ковачевски кои ќе имаат сигурно место во Парламентот. Конгресот на СДСМ минатиот викенд помина во знакот на кавги, препукувања и борба, за повисоко место на пратеничките листи.