Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска организираше јавна расправа за Предлог законот за минерални суровини којшто е во собраниска процедура. Претставници на невладини организации изнесоа забелешки за законот кои според најавите ќе бидат доставени до Собранието во форма на амандмани.
Претставникот на ИКС, Дејан Андонов во своето излагање истакна дека дебатата е од причина што Министерството за економија предлог законот не го поставило на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) за јавноста да може да ги даде своите забелешки и коментари.
– Ние како алијанса за застапување и лобирање „Разбистри се” имаме неколку клучни забелешки во поглед на постапките за давање на концесии за експлорација на минерални суровини за кој сметаме дека се уште не се доволно транспарентни особено за локалните жители кој што најмногу ги чувствуваат последиците од прекумерното искористување на природните ресурси. Ископувањето на песок и чакал се уште се смета за бизнис дејност и е оставено за остварување на бизнис интереси непочитувајќи до крај еколошките параметри. Исто така, забелешка имаме и во однос на хидро јаловиштата во градските комплекси, рече Андонов.
Активистката од 02 Иницијативата, Татјана Чакулева, по однос на овој предлог закон истакна дека тој се уште е комплетно затворен и нетранспарентен во однос на учеството на јавноста, односно „не се прифаќаат забелешките, се доделуваат концесии без учество на јавност, се носат одлуки без можност да се дадат забелешки и слично.
– Концесиите се издаваат, рокот за издавање на концесии за метални суровини е 30 години и откако ќе се издадат јавноста дознава. Локалното население кое живее околу местото на концесија кое е веќе издадено дознава отпосле. Потоа битките се ужасни долги, односно битката потоа е скоро невозможна како е што случајот со Јеловица, се води постапка пред Управен суд, кој потоа ги уважува жалбите, кажа Чакулева. Барањата и одлуките, дополни таа, се носат во еден затворен круг.
– Законот дефинира некој јавен интерес. Според законот, јавен интерес е експлоатација на нашите рудни богатства (минерални суровини), меѓутоа јавниот интерес не може да биде во ситуација кога ние имаме приватни сопственици и на рудници кој ги ископуваат рудните богатства кој се од општ интерес како што се дефинирани во законот, меѓутоа тие се од општ интерес приватници ги ископуваат, приватници ги продаваат и негативните ефекти остануваат кај нас. Во овој закон многу обратно се ставени работите што е тоа јавен интерес и исклучување, рече Чакулева.
Таа исто така оцени дека транспарентноста е многу мала, иако законот наведува дека одредени барања треба да се објавуваат на веб страницата, но тоа не се прави.
– Потребната документација која јавноста треба да ја има на увид е документацијата која што концесионерот ја доставува заедно со барањата за доделување на концесии за дозвола. Таа документација не е достапна, а треба да е пред да се додели концесијата и пред да се издаде дозволата за да може јавноста да реагира. Ниту една забелешка не беше прифатена во овој дел од Министерството за економија. Ако останува овој закон ние ќе ги имаме истите проблеми, рече Чакулева.
Како застапник на невладината Зелен институт свое излагање имаше Лилјана Поповска, кој посочи дека една од најопасните места за злоупотреба на животната средина се всушност концесиите за неметални суровини, односно ископувањето на песок, чакал и слично.
– Тие во огромен број се користат и се експлоатираат во непосредна близина на реки, езера и притоа не се почитуваат еколошките параметри и не се почитуваа Законот за води ни во сегашна форма, а камоли според европските директиви и правила за заштита на животната средина како што треба во иднина да стане Законот за води, рече Поповска.
Во Законот за минерални суровини, дополни таа, и понатаму останува бизнис пристапот за отстапување на песок и чакал во близина на водотеците.
– Тоа е погрешно затоа што треба да се цитираат и сегашните одредби на Законот за води и да се бара програма за заштита на животната средина и оперативен план за санирање на штети кој што го носат локалните совети. Во Законот за минерални суровини не се цитирани тие одредби со образложени дека тоа што е регулирано во друг закон не треба овде да се пренесува. Меѓутоа, со оглед на тоа дека за сите концесионери Законот за минерални суровини е библијата на кој што работат при експлотација и не чувствуваат обврска и други закони да консултираат. Тоа е еден од проблемите, не само во делот на заштита на води, меѓутоа и во други делови при експлотација на минерални суровини што нема доволно цитирање на јасни одредби на други закони за заштита на животната средина, рече Поповска.
Ана Петровска, поранешен директор на Државниот инспекторат за животна средина, рече дека копањето на песок и чакал од речните корита е уредено со закон и се врши со дозвола. Но, проблемот според неа, е што во моментот се активни 30-тина дозволи на одредено растојание во една иста река. Тоа, рече, предизвикува уништување на крајречно земјиште, остранување на крајречната вегетација, се корнат, се сечат дрвја без присуство на Јавното претпријатие за шуми и притоа се продаваат.
– Со самото тоа што се уништува крајречното земјиште и вегетација се зголемува опасноста од поплави, додека причината за ископување на чакал и песок е всушност да го заштитиме подрачјето од поплави. Се случува да се копа песок и од бреговите. Пример на земјоделско земјиште и се прави голема штета, рече Петровска.
Организаторите на дебатата најавија дека забелешките од невладните организации во однос на Предлог законот за минерални суровини ќе ги достават до Собранието во форма на амандмани.