На новинарско прашање во врска со состојбата со недостиг на анестезиолози на Клиниката за државна кардиохирургија, министерот за здравство, Азир Алиу информираше дека денеска е одржан состанок со директорот на клиниката и дел од докторите, како и со директорот на кардиохирургија од Словенија, и е запознаен со случајот дека недостасуваат стручни лица не само на оваа клиника, туку и во голем дел од клиниките во Скопје каде недостасува технички медицински кадар или специјалисти, или друг тип на човечки ресурси.

– Веднаш иницирав да се склучи билатерален договор меѓу Македонија и Словенија со цел да имаме мобилност на доктори и медицински сестри меѓу двете држави. Здравството е сензитивен ресор заради времетраењето за креирање на профил за кој се потребни десет години. Затоа нашиот пристап од средно стручно образование до факултет и до специјализација ќе биде да ги проектираме тие капацитети за минимум десет години во здравството, истакна министерот Алиу.

Тој појасни дека со билатералниот договор ќе може доктори да работат привремено тука, три до шест месеци, а процедурата е се уште во рана фаза, и исто така наши доктори да работат во Словенија, што значи пренос на знаење и нови технологии.