Се приспособува простор во болницата во Кочани, ќе има вработувања таму и во други места, најави министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања, по денешниот брифинг со новинарите.

Тој појасни дека салата во болницата во Кочани најбрзо што можело ќе биде функционална, ќе имало модерна инфраструктура. Експерти веќе работеле со група на млади.

– Како МЗ во фокусот ни е Кочани, но не ги забораваме и другите, во целата држава. Итно ќе делуваме во сите здравствени установи со цел сите непрекинато да добиваат медицински услуги. Интензивно работиме на тоа, да се вработат соодветни кадри, во согласност со законите. Многу е итно да се реализираат нови вработувања. Тоа ни е една од главните заложби, подвлече  министерот.

Во врска со паркингот, тој одговори дека станува збор за еден од главните инфраструктурни проблеми во Клиничкиот центар во Скопје.

– За жал, паркингот во моментот не е ни мапиран, во однос на тоа, кај да се паркира кола. Ќе почнеме од базичните инфраструктурни чекори и активности. За да видиме колку точно паркинг места имаме. По длабоката анализа што ја правиме, ќе видиме и колкава е фреквенцијата на пациенти, што ги користат тие паркинг места, колкав број на вработени во Клинички се паркираат таму, истакна Алиу.

После тоа, како што додаде,  најверојатно ќе излезеле со некое оптимално краткорочно решение.

– Додека, долгорочното решение на паркингот зависи и од долгорочното решение на Клиничкиот центар. И тука ќе мораме да бидеме претпазливи, да не се инвестира во нешто што можеби утре нема да биде во функција на Центарот, нагласи министерот.

Одговарајќи на новинарските прашања, тој информираше дека се формираат работни групи за кризен менаџмент, за најбрза можна реакција при евентуални трагедии.

МЗ ќе раководи со тоа какви донации се потребни за засегнатите од пожарот во дискотеката во Кочани

Министерството за здравство (МЗ) ќе раководи со процесите за тоа какви донации се потребни за семејствата на настраданите и за повредените во дискотеката во Кочани. Ова го соопшти денеска министерот за здравство, Азир Алиу, на брифинг со новинарите.

– Имавме неколкучасовна средба со експерти, родители, млади кои беа директно засегнати во трагедијата и слично. Одлучивме дека крајно време е Министерството за здравство заедно со Владата да преземе лидерство во координацијата со сите процеси, во врска со тоа каков вид на донации се  потребни. Министерството ќе ја раководи работната група, во која ќе има и претставници од други институции. Во недела ќе ги соопштиме и имињата на луѓето од работната група, како да се контактира со нив. Пред нас се приоритети, краткорочни и долгорочни процеси, потенцираше тој.

Алиу информираше дека ќе се отвори и мултифункционален иновативен центар, што ќе нуди различни услуги, сервиси, простор за младите и другите во Кочани.

Фото: МИА