Политичарите мора посериозно да ја сфатат пандемијата на Ковид-19 и да престанат да ги намалуваат нејзините здравствени ризици, порача германскиот министер за економија, Питер Алтмајер, откако американскиот претседател, Доналд Трамп,пред неколку дена се зарази со коронавирусот.

Британските медиуми потсетуваат дека американскиот претседател поголемиот дел од годината го мина во минимизирање на ризиците од пандемијата на коронавирусот, која веќе зарази 7,4 милиони Американци и уби повеќе од 209.000.

Германскиот министер за економија за телевизијата АРД изјави дека заразувањето на Трамп со Ковид-19 го потврдува тоа што германските власти го кажуваат уште од самиот почеток и дека е важно луѓето да се заштитат себе си и другите со носење маска и почитување на физичката оддалеченост.

-Ме лути фактот дека секогаш има политичари, во партијата на Доналд Трамп, во другите земји, но и тука во нашата земја, кои тоа го намалуваат, кои се преправаат дека можат да му одолеат на вирусот и дека ништо нема да им се случи, рече Алтмаер.

А, токму спротивното, може да се види во САД, каде за само шест месеци има повеќе од 200.000 смртни случаи од коронавирусот.

-Многу од овие луѓе се уште ќе беа живи доколку со пандемијата се бореа на вистинскиот начин, рече Алтмаер.