Амбасадата на САД во Подгорица изрази загриженост поради напорите на старото парламентарно мнозинство за формирање нова влада и оцени дека на Црна Гора и се потребни вонредни парламентарни избори.
Во изминатите денови медиумите објавија дека премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, се обидува да ја реконструира владата на која парламентот и изгласа недоверба во август.
Американската амбасада во Црна Гора на Твитер оцени дека предвремените парламентарни избори се неопходни за да се слушнат јасните желби на црногорскиот народ и да се реши сегашниот политички ќорсокак и да се обезбеди легитимност на идната влада.
„Добрата политика не треба да се заснова на уставно сомнителни основи. САД се многу загрижени за какви било напори за формирање нова влада во Црна Гора, за реконструкција на влада што го изгубила својот мандат или за скратување на мандатот на парламентот врз основа на изменетиот Закон за претседател“, се наведува во соопштението на американската амбасада.
Абазовиќ синоќа изјави дека им е благодарен на пратениците кои ја поддржаа идејата за реконструкција на актуелната влада.