Американскиот амбасадор Кристофер Хил изјави дека никој во овој момент не смее да потпише ништо со Русија.
Тој посочи дека САД не знаат точно што се подразбира под договорот што Србија го потпиша во Њујорк со таа земја и оти очекуваат во наредниот период да добијат појаснување за потпишаниот документ.
– Ние секако би сакале да слушнеме објаснување за тоа каков е тој документ. За време на оваа сесија во ОН, САД имаа добри разговори со Србија, па за тој документ слушнавме дури потоа и очекуваме објаснување за него, рече Хил.
Изјавувајќи дека Русија води војна против својот сосед, Хил рече дека е тешко за луѓето во САД да разберат потпишување таков документ.
– Се надеваме дека ќе слушнеме објаснување за потпишувањето на тој документ, изјави Хил.
Тој додаде дека САД веруваат оти Србија треба да ја погледне пошироката слика и нагласуваат дека САД ја поддржуваат Србија во диверзификацијата на нејзините извори на енергија со цел да се намали нејзината зависност од Русија, која во голема мера се заснова на уцени и стимулативни мерки на притисок.
САД, исто така, сакаат да слушнат што сака Србија да прави во иднина и со какви односи треба да гради, како и со земја која, како што вели, брутално го нападнала соседот и користи закани за употреба на нуклеарно оружје.
– Сакаме да слушнеме и разбереме на што се засноваат односите и соработката меѓу Србија и Русија, рече Хил.