Кина ќе победи во борбата против коронавирусот, изјави кинескиот амбасадор во САД, Цуи Тјанкаи, во интервју за „Пи-би-ес“.

Новиот тип на вирус сеуште се шири и Кина прави огромни напори во негово сузбивање. Се отварат нови болници и привремени засолништа за прием на заболените. Бројката на заразени постојано се менува и Пекинг прави напори да даде колку што е можно поточни информации за заразените, изјави амбасадорот.

Според него, целото население на земјата застана обединето и со една цел во борбата со болеста.

-За нас ова е голем предизвик. Илјадници кинески здравствени работници, војници и граѓани од други професии секој ден се на браникот на борбата, изјави амбасадорот.

Според него, Кина соработува со многу земји и Светската здравствена организација за решавање на овој проблем.

На прашањето дали е изненадување тоа што вирусот се прошири со таква брзина, Тјанкаи одговори дека „светот се соочува со апсолутно нов вирус и при негово детектирање кинеските власти многу брзо ги мобилизираа потребните ресурси и опрема за мониторинг на ситуацијата“.

Додаде дека постојано се подобрува ефективноста во лечењето на болеста.