Дипломатите вообичааено се држат до дипломатските правила за неутралност, но тоа правило не важи и за американскиот амбасадор во Германија кој сака да ги поддржи сите конзервативни лидери во Европа. „Апсолутно сакам да направам разлика меѓу конзервативните лидери и другите во Европа“, изјави во интервју за Брејтбарт Лондон, амбасадорот Ричард Гренел.
„Сметам дека има плодна почва за конзервативната политика затоа што пропадна политиката на левицата. Нема дилеми околу тоа, и за мене лично е возбудлив период, гледам во пејзажот, имаме многу работа, но сметам дека изборот на Доналд Трамп ги натера луѓето да кажат дека нема да дозолат политичките елити да кажат кој ќе учествува или кој ќе победи уште пред избори“.
Во интервјуто тој истакнува дека победничката стратегија на кандидатите кои се против естаблишментот треба да се фокусираат на конзервативни прашања со што ќе го подобрат животот на обичниот човек. Според Гренел, има огромна поддршка за кандидати кои соодветно ги објаснуваат конзервативните политики за миграцијата, намалувањето на даноците и за бирократијата.
Тој рече дека му пришле многу европски конзервативци кои веруваат дека во моментов се случува препород.
Гренел не го криеше воодушевувањето од тоа кој му е омилен европски конзервативец – тоа е австрискиот канцелар Себастија Курц:„Јас сум негов голем обожавател. Мислам дека тој е рок ѕвезда“.
Гренел, поранешен коментатор на Фокс њуз, беше поставен за нов амабасадор минатиот месец, откако местото во Берлин стоеше празно речиси цела година.