Американскиот Стејт департмент денеска означи четири европски ограноци на групата Антифа како странски терористички организации.
Според веб-страницата на Стејт департментот, станува збор за организацијата Антифа Ост во Германија, како и три други насилни групи во Италија и Грција.
Одлуката за карактеризирање на овие групи како терористички организации ја поддржува иницијативата на претседателот Доналд Трамп насочена кон демонтирање на самопрогласените антифашистички мрежи и организации кои користат политичко насилство и терористички акти за да ги загрозат демократските институции, уставните права и основните слободи.
Групите поврзани со ова движење се придржуваат до револуционерни анархистички или марксистички идеологии, вклучувајќи антиамериканизам, антикапитализам и антихристијанство, кои ги користат за поттикнување насилство и оправдување на насилни напади дома и во странство, се вели во соопштението. Се додава дека САД ќе продолжат да ги користат сите расположливи средства за да ја заштитат својата национална безбедност и да го попречат финансирањето на тероризмот, вклучително и таргетирање на други групи Антифа низ целиот свет.
Според оваа одлука, групите Антифа Ост, Неформалната анархистичка федерација/Меѓународен револуционерен фронт (ФАИ/ФРИ), Револуционерна класна самоодбрана и Вооружена пролетерска правда се ставени во иста категорија со Исламската држава ИСИС-К и Ал-Шабаб.




