Американската амбасадорка во Софија, Херо Мустафа, на средба со бугарските медиуми ја коментираше објавата за санкции од САД против шестмина бугарски државјани, вклучувајќи ги и Васил Божков и Делијан Пеевски, објаснувајќо дека последните настани значат дека кога се зборува за корпуција не значи дека некој се обвинува, туку дека државата се потпира на владеењето на правото.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на состанокот со медиумите присуствувал и првиот заменик помошник секретар во американското Министерство за финансии, Пол Ахерн, кој е одговорен за борбата против финансирањето на тероризмот и финансискиот криминал. Ахерн од понеделникот престојува во Бугарија, а вчера, заедно со американската амбасадорка Херо Мустафа, имаа серија средби со претставници на владата, политичките партии и поранешните државни службеници, вклучувајќи го и поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов.
Амбасадорката Херо Мустафа најави дека допрва претстојат повеќе средби со луѓе од бугарската Влада.
-Со овие акции, ние сакаме да бидеме транспарентни кон сите. Ова е исклучително важно за нас, и знаете дека под администрација на претседателот Џeо Бајден, ние сакаме да бидеме многу отворени за медиумите, како и тука во Бугарија.
Ахерн коментираше дека вчерашниот чин на воведување санкции е најсеопфатната еднократна акција против корупцијата досега според „Законот за Магнитски“, додавајќи дека САД се подготвени да соработуваат со Бугарија околу финансиската транспарентност и разговарале со регулаторните власти за да предупредат на ризиците од бизнисите на овие корумпирани поединци и нивните компании.