Американска инвазија на Гренланд би била напад врз сите сојузници на НАТО, изјави министерката за енергетика на територијата, Наја Натаниелсен.

Таа денеска на прес-конференција во Лондон рече дека американска воена акција би претставувала „колапс на владеењето на правото“ и би ги оставила западните сојузници да мораат да „сфатат за што станува збор во овој нов светски поредок“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Гренланд би очекувал поддршка од НАТО во случај на инвазија, таа рече: „Навистина не можам да одговорам на вашето прашање, бидејќи тоа имплицира дека една земја би била нападната од друг НАТО партнер, но всушност сите ние би биле под напад“.

Натаниелсен додаде дека Гренланд се чувствува „предаден“ од барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на оваа полуавтономна данска територија, пренесе ДПА.

– Сметаме дека реториката е навредлива, како што кажавме многупати претходно, но исто така и збунувачка бидејќи не направивме ништо освен што ја поддржавме тезата дека Гренланд е дел од американскиот национален личен интерес, рече таа.

Нејзината посета на Велика Британија доаѓа во време кога САД продолжуваат да се закануваат со преземање на територијата, за која Трамп инсистира дека е витална за американската национална безбедност.

Член на Републиканската партија на Доналд Трамп вчера претстави закон за анексија на Гренланд како 51-ва американска држава.

Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд утре треба да го посетат Вашингтон каде ќе се сретнат со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.