Американските авиони Ф-15 денеска слетаа во полската воздухопловна база „Ласка“, изјави полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак, во моменти кога НАТО го зајакнува своето воено присуство на источното крило во контекст на тензиите меѓу Украина и Русија.
Авионите пристигнаа во време кога во Полска се распоредени и дополнителни американски и британски војници, а во знак на солидарност земјата ја посети и британскиот премиер Борис Џонсон.
„Денеска во воздухопловната база Ласка пристигнаа американските ловци Ф-15 и тие ќе му дадат поддршка на источното крило, како дел од НАТО мисијата за заштита на воздушниот простор“, напиша министерот Блашчак на Твитер.
Тој меѓутоа не наведе колку авиони слетале во воздухопловната база.
Американските авиони Ф-15 се испратени и на Балтикот.