Американски борбен авион Ф-16 собори турско беспилотно летало кое леташе над база во североисточна Сирија, каде што се стационирани американските сили, потврдија американски официјални лица, пренесува Си-Би-Ес. Уривањето, наводно, се случило откако на Турците повеќе пати им било кажано да се држат настрана од американските копнени трупи во близина на Ал Хасака.
Се верува дека ова е прв пат САД да соборат беспилотно летало од Турција, членка на НАТО.
„Дронот беше вооружен со ракети воздух-земја и се сметаше за закана за американските трупи и Сириските демократски сили во базата Тал Бајдар“, изјави анонимен извор за Политико.
Според првите информации, Американците го собориле Бајрактар TB2, беспилотно летало на турската одбранбена компанија Бајкар. Соборувањето на беспилотното летало на сојузникот на НАТО може да ги ескалира тензиите меѓу Вашингтон и Анкара.
Инаку, САД имаат околу 900 војници во Сирија, кои првенствено се фокусирани на лов на терористите на Исламската држава. Стејт департментот засега одби да коментира за соборувањето.