Извештаите од светските медиуми за ситуацијата со новиот коронавирус во Индија се мешавина од олеснување и збунетост, пренесува Би-Би-Си и наведува дека се зборува за „мистерија на ниска стапка на смртност во Индија“ од Ковид-19.
Речиси два месеци од првиот забележан случај, бројот на позитивни случаи од новиот коронавирус во втората најнаселена земја во светот надмина 29.000, со повеќе од 900 смртни случаи.
Еден начин да се следат стапките на смртност е да се следи бројот на потребни денови за да се удвои вкупниот број на смртни случаи.
Во Индија во моментов се потребни девет дена, бидејќи на 25 април имаше 825 потврдени смртни случаи, а на 16 април половина од тој број.
Експертите велат дека тоа е добра вест. Њујорк, на пример, е во иста фаза на пандемијата и за двојно повеќе смртни случаи биле потребни само два или три дена.
Многу здравствени работници и лекари истакнаа дека карантинот во Индија, што трае повеќе од еден месец, може да го држи под контрола бројот на заразени и смртни случаи.
Други пак веруваат дека претежно младата популација во Индија придонесува за намалување на бројот на смртни случаи, бидејќи повозрасните лица се изложени на поголем ризик од смрт.
Некои веруваат дека во Индија е присутен помал вирален вид на вирусот и дека топлото време ја намалува неговата сила. Двете тврдења не се поткрепени со докази.
Всушност, лекарите кои ги лекуваат заболените од Ковид-19 истакнаа дека вирусот во Индија е вирален како и во другите земји.
И затоа, на прашањето дали Индија е необична кога станува збор за смртноста од новиот коронавирус, индиско-американскиот лекар и онколог Сидхарт Мукерје истакна дека не го знае одговорот и дека светот не го знае одговорот.
– Тоа е мистерија, а би додал и дека дел од мистеријата е тоа што не правиме доволно тестирања, истакна Мукерје.
Исто така, Би-Би-Си потсетува дека анализата на Фајненшл тајмс за вкупниот број на смртни случаи за време на пандемијата во 14 земји покажува дека бројот на починати од новиот коронавирус би можел да биде за 60 отсто поголем од официјалните податоци.
Исто така, експертите укажуваат дека околу 80 отсто од смртните случаи во Индија се случуваат во домовите, така да бројот на смртни случаи само во болниците не дава точен број на починати од Ковид-19.
Одредени индиски лекари соопштија дека многу луѓе не биле тестирани, а починале од симптоми на новиот коронавирус.
Ако личноста имала температура и респираторни проблеми пред смртта, причината може да биде Ковид-19, но може да биде и нешто друго.
Во Индија можеби има смртни случаи на новиот коронавирус што не се евидентирани, но смртната стапка е неспорно ниска. Меѓутоа, многу е рано да се каже дека земјата го намалила трендот, пишува Би-Би-Си.