Американски производител на чипови вложува 4,6 милијарди долари во погон во Полска

/ 16.06.2023

Американскиот производител на чипови Интел објави денеска дека ќе инвестира до 4,6 милијарди долари во нова постројка за склопување и тестирање на полупроводници во Полска, во близина на градот Вроцлав.

Инвестицијата е дел од планот за Европа што Интел го објави минатата година, вклучувајќи изградба на голем комплекс за производство на чипови во Германија и фабрики во Ирска и Франција, насочени кон релаксирани регулативи за финансирање и субвенции од Европската комисија.

Фабриката во Полска ќе вработи 2.000 работници и ќе отвори неколку илјади дополнителни работни места во фазата на изградба и регрутирање добавувачи, се вели во соопштението на компанијата. Проектирањето и планирањето на фабриката започнува веднаш, додека изградбата ќе започне по добивањето на дозволата од Европската комисија.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја нарече изградбата на фабриката Интел „најголемата гринфилд инвестиција во историјата на Полска“. Американската компанија е присутна во Полска веќе 30 години, каде што вработува 4.000 работници. Тие ја избраа Полска поради инфраструктурата и експертите, вели Интел, истакнувајќи дека локацијата на новиот објект е блиску до планираната фабрика во Германија и онаа во Ирска.

Се очекува новата фабрика да биде пуштена во употреба до 2027 година. Предводени од извршниот директор Пет Гелсинџер, Интел инвестира милијарди во изградба на фабрики на три континенти за да ја врати својата доминација во производството на чипови и поуспешно да се натпреварува со конкурентите AMD, Nvidia и Samsung.

Планира да инвестира до 100 милијарди долари во изградба на потенцијално најголемиот светски комплекс за производство на чипови во американската држава Охајо.


Од истата категорија