Американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот оцени дека Србија е на вистинскиот пат, но нагласи да е загрижен за брзината на нејзиниот напредок кон Европската унија и за регионалните односи.
– Од време на време се грижам за брзината на тој напредок, мислам дека треба двојно да се зголемат напорите и да се тргне уште посилно понатаму. Пред се, тука мислам на извештајот на ЕУ за напредокот на Србија, како и за регионалните односи, изјави Скот за весникот „Блиц“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Скот истакна дека поглавјата 23 и 24 – правосудство, правда, слобода на медумите и безбеднсот, се од клучно значење за напредокот на Србија кон членството во ЕУ, но дека во тие области не се гледа голем напредок колку што тој сака и колку би сакале српските граѓани.
Скот додаде дека САД ќе продолжат да се залагаат Косово да ги повлече таксите за узвоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина, но дека и Белград треба „да ја одигра својата улога со цел процесот на дијалогот да тргна напред“, односно да се имплементираат постигнатите договори и да ги разгледа компромисите за иднината.
Запрашан дали смета дека разграничувањето е решение за косовското прашање, Скот порача дека решението треба да дојде директно од Белград и Приштина.
– САД, како и никој друг, не треба да диктираат како треба да изгледа ова решение, изјави Скот.
Тој кажа дека би сакал американскиот претседател Доналд Трамп да дојде во Белград, но не може да предвиди дали тоа и ќе се случи.
– Времето на претседателот на САД е можеби највредното нешто во светот, рече Скот.
Трамп во честитката до српскиот претседателот Александар Вучиќ по повод Денот на државноста на Србија, меѓу останатато порача дека „на страните останува да постигнат договор, кој и двете можат да го поддржат и мислиме дека взаемното признавање треба да биде централен елемент на трајната нормализација на односите“.
– Таков историски договор, со взаемно признавање во суштина, ќе изгради пат за евроинтеграцијата на Србија и економски раст, се наведува во писмото на Трамп, што го објави Кабинетот на српскиот претседтел.