Поранешниот командант на американските сили во Европа, генерал Бен Хоџис, смета дека полуостровот Крим окупиран од Русија може да биде ослободен до летото следната година, јави ДПА.
– Кога ја гледам ситуацијата, гледам дека положбата за Русите се влошува секоја недела. Тие велат дека војната е тест на волјата и логистиката, а и во однос на двете точки Украина има значителна предност, рече Хоџис во интервју за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
– Русите мора да ја загубат (војната) или ќе се обидат повторно за две или три години, рече тој.
Според него, „единствената надеж“ на руското раководство е Западот да се поколеба во поддршката за Украина.
– Затоа прават се што можат за да ја продолжат војната и да шират страв и несигурност на Запад. Се користат секакви начини: младите луѓе кои сега се регрутираат во армијата како топовско месо, како и напади против инфраструктура на Запад, оценува Хоџис.
– Затоа, мислам дека во следните недели и месеци ќе видиме повеќе акти на саботажа и напади, или барем обиди, рече тој.