Американско-британскиот бизнисмен и инвеститор, Бил Браудер, е повторно обвинет од руските власти за убиство и финансиски малверзации, откако лани во ноември беше обвинет од јавното обвинителство на Русија за убиство на адвокатот Сергеј Магнитски.
Најновото обвинение е од Истражниот комитет, независно тело со моќни надлежности во руското Министерство за внатрешни работи, раководено од Александар Бистрикин, поранешен школски другар на претседателот Владимир Путин.
– Обвинението доаѓа по најавата од ЕУ за усвојување на Актот Магнитски, кое треба да се случи кон крајот на 2019 година, напиша Браудер на „Твитер“.
Комитетот го товари Браудер за убиство со труење на Александар Перепиличниј, руски бизнисмен и свиркач кој пребега во Велика Британија и предаде докази на Браудер за корупција во руската власт.
Перепиличниј имаше смртни закани од Москва и во 2012 година почина откако се вратил во својата куќа во Вејбриџ, југозападно од Лондон, откако се врати од прошетката по околината. Истрагата за неговата смрт се уште трае и има индикации дека тој бил отруен со отровот гелсемиум елеганс, растителен токсин употребуван од руски и кинески атентатори, јави Телеграф.
-Путин целосно побудале и праќа на моја адреса апсурдни обвиненија за убиства како да се бонбони. Неговите официјалните лица дури не се ни обидуваат да бидат убедливи во тоа, изјави Браудер.
По повеќе годишно лобирање на Браудер во САД во 2012 година Актот Магнитски беше потишан од поранешниот претседател Барак Обама. Законот е наречен во чест на Сергеј Магнитски, поранешниот адвокат на „Ермитаж капитал менаџмент“ компанијата на Браудер, кој беше измачуван во московски затвор и почина поради неукажана медицинска помош. Законот санкционира десетици руски државјани за угнетување на човековите права во Русија. Во 2016 година опфатот на Законот стана глобален и според него досега се санкционирани 44 осомничени нарушители на човековите права низ целиот свет.
На средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега лани во Хелсинки, Путин на изненадување на сите го спомена името на Браудер во контекст на наводната вмешаност на Москва во изборите на САД во 2016 година. Според него, Москва би дозволила американски истражители да дојдат во Русија и да истражуваат за вмешаноста во изборите ако Вашингтон дозволи Браудер да биде испрашуван од руски истражители.
-Не пожелувам да го имате Путин за непријател, но горд сум на тоа дека Актот Магнитски е толку деструктивен за него што ги губи нервите и се резили во јавноста, изјави Браудер, кој за себе вели дека е број еден непријател на Путин.
Претходното обвинение за убиството на Магнитски, кое се случи во 2008 година, и за организација на меѓународна криминална група, Браудер го опиша како „кафкијанско“.