Во вечерашното издание на дебатната емисија “Топ тема” гостуваше министерот за економија Крешник Бектеши, како и претставничката на здружението “Гласен текстилец”, Христина Ампева, пренесува Курир.
Министерот Бектеши во неколку наврати потенцираше дека Владата е конзистентна и активно учествува во изнаоѓање мерки кои ќе ги подобрат условите на текстилните работници, односно дека Владата понудила одредени пакети кои би требало да помогнат во овие моменти кога владее пандемијата.
На ваквото образложение реагираше Ампева, која беше децидна во поглед на тоа дека текстилците не се заштитени во ниеден дел на нивната работа, односно дека Владата не само што не помогнала на сите текстилни работници, туку и голем дел од нив се избркани од работа, поради тоа што им се скратени примањата во однос на пат и храна, а истите немаат пари да ги сносат сами тие трошоци, поради тоа што и така платите им се мали.
“Наместо Владата да помогне во овие тешки моменти кога текстилците се скоро ликвидирани поради лошата ситуација со ковид пандемијата, таа не ги контролира сопствениците на голем број конфекции, ниту пак знае за отказите кои се делат секојдневно поради тоа што некоја вработена или вработен пријавил симптоми на вирусот или пак е во изолација поради контакт со друг заболен. Текстилните работници се со минимални примања и со таа скромна плата луѓето ранат семејство, а со ваквиот однос од страна на работодавачите, голем дел од вработените не пријавуваат дека имаат симптоми или дека биле во контакт со заболен, само за да ја зачуваат работата и да однесат една корка леб дома”, додаде Ампева.
Инаку, текстилните работници во државата се приморани сами да си ги покриваат трошоците за пат и за храна, што е само уште една потешкотија во овие моменти, кога и онака се соочуваат со лош и некоректен третман, како од работодавачите, така и од власта која е незаинтересирана за решавање на овој проблем, заврши Ампева.