Американскиот план за ставање крај на војната од 28 точки не само што креира нова глобална политика, туку и директно задира во одлучувањето во Европската Унија, кое досега се покажа како главен проблем со внесување билатерални прашања во преговарачкиот процес. Ако членството на Украина во НАТО со овој договор станува само неостварена желба, европската интеграција станува реалност. Во точка 11 се наведува дека: Украина ќе биде подобна за членство во ЕУ и ќе добие повластен краткорочен пристап до европскиот пазар, точка што е на линија со најголем дел од земјите членки на Унијата, но и точка која го става мерит-системот на ЕУ надвор од употреба и го заменува со чиста, па дури и груба политичка одлука. Со американскиот план се затвораат очите и за човековите права и слободи во Украина, и за положбата на малцинствата, и за борбата против коруцијата која во воените услови ги надмина дури и предвоените оценки ,,шампион во корупција‘‘.

Овој краток вовед има за цел да покаже каде се движи Европската Унија, откако главните светски играчи ја преземаа играта во свои раце и директно влијаат Брисел, ако сака да остане барем малку кредибилен тогаш правилото да го употреби не само за еден (Украина) туку и за другите кандидати (Македонија и Западниот Балкан).

Се чини дека автентичната надворешна политика што ја води македонската влада дава резултати во овие турбулентните времиња кои ја зафатија Унијата. Пред се најавите за големи реформи во начинот на гласање, идеи за членство без право на вето, ЕУ во две брзини и слично, како и желба за целосна унификација на континетот .

А токму различните пристапи кон надворешната политика, посебно на владата на Заев, Ковачевски, па и на претседателот на СДСМ Филипче, не доведоа во положбата од која не смее да се отстапува и понатаму, оти може да се загуби и тоа што остана, идентитетот. Идентитет кој кажува кои сме, од каде сме и по што се разликуваме од другите. Идентитет на различностите, темелна вредност со која ЕУ се гордее.

Македонија независноста ја почна со доктрината на претседателот Глигоров, односно еквидистанца, посебно кон соседите. Како мала земја со безбедносни закани таа политика се напушти брзо, во 1995. година.

Следеше фаза на приближување кон западот и стратешките интеграции НАТО и ЕУ, која освен членство во поедини тела бавно се одвиваше пред се поради грчката блокада и спорот за името.

Конфликтот во 2001-ва предизвика надворешна политика која водеше кон консолидација на земјата на надворешен план, и придонесе за кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005-та..

Во следниот период, во услови на грчко вето Македонија на надворешно- политички план се ориентира кон стратешки партнери и прозападна политика, како и јакнење на односите со Русија и Кина.

Оваа политика траеше се до новиот правец на владата на Зоран Заев добрососедство и интеграција, но по која цена.

Радикалниот пресврт во надворешната политика без заштита на вековното име и идентитет, придонесе да се склучат договорите за доборсоседство со Бугарија и Грција. Резултираше со променето име и отстапување на правото на Софија да управува со нашата историја (како заедничка), со нашиот идентитет (до 1945 како заеднички) и алатката вето која трае до денес.

Да, таа политика донесе членство во НАТО, но по грчки терк и покрај признатото уставно име Република Македонија од страна на САД и други 134 земји низ светот. Подарок кој ниту самата Атина не веруваше дека некогаш ќе го добие, за што признание дојде и од тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Актуелната автентична надворешна политика на премиерот Христијан Мицкоски за првпат е целосно усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ, но не на штета на македонските национални интереси. Оваа политика им е јасна и во Брисел без оглед на бирократскиот ,,вординг‘‘ што го користат за отворање на поглавјата од преговорите. Оваа политика придонесе и самиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта да признае дека Македонија мора да добие гаранции и предвидливост на преговарачкиот процес до крајната цел, полноправно членство во ЕУ.

Оваа автентична политика на Мицкоски конечно стави црта на катастрофалната политика на Заев, политика која ги почитува сите, но не дава да се гази или уништува македонскиот национален идентитет.

Во новите тектонски политички поместувања што се случуваат во ЕУ, чија крајна цел е унификација на континетот, мора да истраеме. Актуелната македонска политика мора и ќе даде резултат. За нешто за што требаа децении за Украина може да се случи преку ноќ. Ако во случајот со Украина, па и Молдавија заменувањето на мерит системот со политичка одлука е неправда за останатите, во случајот со Македонија може да донесе само правда. Македонија своите ,,неправди ги одлежа‘‘

ПС

Многу работи ќе се сменат во следниот период во ЕУ по крајот на војната во Украина. Но, ако сега го загубиме идентитетот по теркот на Заев, Ковачевски и Филипче, нема што да бараме ниту од ЕУ, ниту од државноста.

Преземено од Курир.мк