Петнаесетгодишните ученици во Европската Унија покажуваат недоволно добри резултати во сите три клучни области и сè повеќе заостануваат зад останатите развиени економии, покажува анализата на ЕУ за резултатите од тестирањето ПИСА за минатата година.

-Наодите на ЕУ покажуваат дека учениците постигнуваат недоволно добри резултати во сите три клучни области: 33,9 проценти во математика, 31,3 проценти во читање и 25,9 проценти во природни науки, наведува Комисијата, која денеска ги објави резултатите од анализата.

Резултатите од Програмата за меѓународна проценка на знаењата и вештините на учениците (ПИСА) на ОЕЦД беа објавени на 8 септември.

Тие резултати покажуваат дека еден од три ученици во ЕУ постигнува недоволно добри резултати во читање или математика, а еден од четворица во писменоста од областа на природните науки.

Врвните резултати исто така опаѓаат. Уделот на најинтелигентните и најуспешните ученици во Унијата во 2025 година изнесува 4,8 проценти во читање, 6,4 проценти во природни науки и 6,8 проценти во математика, што е значително под целта на ЕУ за 2030 година од најмалку 12 проценти во секоја област.

Ниту една земја членка на ЕУ не ја достигна таа цел во читање и природни науки, додека во математика ја достигнаа само две, Естонија и Полска.

Тоа значи дека ЕУ сè повеќе се оддалечува од својата цел за намалување на незадоволителните образовни резултати на помалку од 15 проценти за секоја област до 2030 година, наведува Комисијата.

Помалку од еден од десет ученици постигнува најдобри резултати во која било од тие области.

Читачката, математичката и писменоста од областа на природните науки во ЕУ значително се намалија од 2015 година и ЕУ и понатаму заостанува зад другите напредни економии.

Резултатите покажуваат и големи предизвици поврзани со рамноправноста. Учениците во неповолна положба имаат околу четири пати поголема веројатност да постигнат слаби резултати во природните науки од учениците во поволна положба, додека веројатноста учениците во поволна положба да бидат меѓу најуспешните е околу осум пати поголема.

Во анализата се наведуваат дигиталното одвлекување на вниманието, некритичкото користење на вештачката интелигенција, намалената ангажираност на родителите и постојаниот недостиг на наставници како причини за слабите резултати на учениците.