Многу идеи се вртат во Брисел за деблокирање на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, па и политичко проширување со Украина и Молдавија, но за која било од нив (промена на гласање, редуцирано членство и слични) треба и време и волја.
Пораките што сите авторитети ги испраќаат за Македонија упатуваат на исполнување на обврската за уставни измени со вметнување на Бугарите во преамбулата, обврска преземена од владата на СДСМ и ДУИ, која го блокира македонскиот евроинтегративен пат.
Но, тоа што се најави пред изборите, засилени активности за воспоставување дијалог и доверба меѓу Скопје и Софија за надминување на спорот и деблокирање на евроинтеграциите веројатно се случува.
Тоа го потврди и министерот за европски прашања Муртезани и амбасадорката Агелер, но на тоа упатуваат и изјавите на европските челници кои сфатија дека македонската влада нема да влезе во дил преземен од катастрофалната преговарачка рамка по секоја цена.
Тие забетонирани пораки од премиерот Мицкоски конечно ги разбраа сите. Разбраа дека не се работи за празни политички флоскули, како тие на Заев, Ковачевски, Османи, Филипче и другите, туку вистинска црвена линија од која нема повлекување.
Колку и да не убедуваа дека не е можна промена на преговарачката рамка ниту друг начин освен потпишаниот документ, сепак враќањето на маса на протоколите со Бугарија, зборуваат дека спорот е билатерален и ќе мора да се реши на релација Софија-Скопје, без оглед што Бугарија редовно потсетува дека Македонија има проблем со ЕУ, а не со неа.
Дали е можен трет проткокол помеѓу владите на двете држави, кој ќе ги санира последиците од вториот катастрофален, потпишан со леснотија од тогашниот шеф на македонската дипломатија Бујар Османи?
Идејата ја откри претседателката Силановска Давкова, трет протокол како креативно решение што може да значи враќање на довербата помеѓу двете земји и win-win решение кое ќе ги придвижи работите напред. Тој трет протокол би требало да ја надомести штетата од вториот, и како што вели претседателката ќе се наведе дека прашањата за историјата, културата и идентитетот не може да бидат услов!
А што содржи тој фамозен втор протокол, кој и дава одврзани раце на Софија да ја блокира Македонија кога ќе посака?
Во документот на 20-тина страници во најголем дел се наведени план и преглед на соработката помеѓу двете земји, врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017, во кој Бугарија се обврзува да ја поддржува Македонија на евроинтегративниот пат.
Но, последните неколку страници од овој документ, кој би требало да биде обичен записник, стануваат алатка за исполнување на бугарските барања.
Во втората точка од дневниот ред, Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања добива ингеренции на тело кое е клучно дали Македонија ќе оди напред или ќе добие вето од Софија. Се предвидува задолжително усвојување годишни извештаи за нејзината работа и се охрабрува за поголема ефикасност. Но, јасно дека таа комисија никогаш и нема да најде историски одговори и толкувања, кога во тој протокол и се дава сила на бугарската страна сите решенија да ги гледа низ призмата на ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА! Во протоколот е наведено дека нејзината работа не може да биде еднострано прекината, иако самиот договор може да биде предмет на раскинување. Тоа и дава дополнителна моќ на една исполитизирана комисија, како алиби на официјална Софија да се затскрива при блокирање на евроинтеграциите.
Никаде во светот, во ниту еден договор, па ниту повоен, таквите комисии не добиле толку големи овластувања кои можат да блокираат една земја.
Иако во Договорот никаде не се спомнува промена на уставот, за која било цел, тоа е изрично наведено во протоколот/записник кој добива сила на европско вето.
Токму првиот човек на бугарскиот тим на оваа комисија ја открива целата шема на делување на Софија во условувањето, блокирањето и асимилацијата на македонскиот идентитет. Ангел Димитров знае што добиле во раце, па оттаму не изненадува кога уверува дека комисијата е клучна алатка на бугарската политика. Кога ќе изјави: ,,Морам да нагласам дека ова е единствената комисија што работи, а е создадена според Договорот за пријателство и добрососедство и е единствената форма на неговото спроведување. Но, сега кога нема резултати, можеме да замислиме и каков е односот кон самиот договор“, јасно е дека ќе биде како што сакаат тие, или никако!
За него, како и за официјална Софија главен проблем е што актуелната македонска влада целосно ја следи политичката линија на државата и доктрината за македонизмот, наспроти вметнатата во протоколот заедничка историја. Е, тоа е главниот проблем!
И уште еднаш, кога претседателката ќе каже: ,,нека бидат креативни, трет протокол нека усогласат, во кој ќе кажат дека прашањата за историјата, културата и идентитетот не може да бидат услов“, јасно е на што треба да се работи!
ПС. Зад завесата очигледно се работи на убедување на Софија да го смени однесувањето, без политичка штета. Но, дали ,,санстефанската‚‚ желба ќе надвладее над разумот ќе покаже времето.




