Вето за почеток на преговори со Европската Унија за Македонија. Промена на името на државата. Блокада за Македонија, уценет старт на преговори за внесување на Бугари во Устав. Без европски гаранции.

Накусо вака се одвива патот на земјава кон европското семејство. Се бараат реформи, се испорачуваат, се добиваат потврди за напредок, но и потсетувања од челниците на Унијата дека Македонија треба да испорача уште нешто, уставни измени.

И додека прстот честопати е вперен кон Македонија, во ситуацијата со почетокот на преговорите на Украина прстот вперен кон земјата „блокатор“.

Па така, еврокомесарката за проширување Марта Кос, во интервју за Дојчландфунк како „нефер и неевропска“ ја квалификува блокадата на Унгарија во врска со отворањето на преговорите на Украина заради членство во ЕУ.

На прашањето за тоа дека Унијата треба да отвори преговори за три поглавја со Украина како кандидат за членство во ЕУ, но не постои едногласност кај сите земји членки бидејќи Унгарија блокира заради војната, но и заради унгарското малцинство во Украина и како планираат да ја надминат оваа блокада за да можат да продолжат со преговорите, Кос со интересен одговор.

– Унгарија гласаше ЗА, кога се одлучуваше да и се даде кандидатскиот статус на Украина. Без овој чекор на 27-те членки на ЕУ ќе беше невозможно да разговараме за тоа што Украина треба да исполни денес. Подоцна, за жал, Унгарија го смени своето стојалиште, и мислам дека тоа не е фер, тоа не е европски, и тоа не е солидарно. Првенствено сум им кажала на унгарските политичари дека нивниот проблем со унгарското малцинство во Украина не е таков како што го претставуваат. Во регионот Задкарпатија сум се сретнала и со претставници на ова малцинство и тие се задоволни со Акцискиот план што е изготвен од Украина и сега треба да се спроведе. Вчера во Ливов од претставниците на Унгарија слушнав дека тие не се противат на членство на Украина заради војната, туку дека генерално се против членството на Украина во ЕУ и предлагаат да се оди со понуда за Стратешко партнерство. Не. Тоа не е правилниот пат. Уште еднаш, одлуката за кандидат беше на сите 27 членки и ние бараме толку многу од земјите кандидати да испорачаат, но и ние треба да испорачаме. И тоа што вчера се случи во Ливов (на неформалниот состанок на министрите за Европски прашања на земјите членки на ЕУ , з.н.) е дека Европската комисија од земјите членки доби инструкции кои се очекувањата од Украина во однос на кластерите 1, 2 и 6, што за нас е јасен сигнал дека ние како Комисија можеме, на техничко ниво, да преговараме во овие области, и тоа и ќе го направиме. Точно е исто така дека кога ќе дојдеме на крајот во сите поглавја ќе ни треба едногласност за истите да ги затвориме и јас се надевам дека тоа ќе го постигнеме, вели Кос во интервјуто за Дојчландфунк.

Еврокомесарката сега потенцира дека кластерите 1, 2 и 6 можат да се отворат и за истите да се водат преговори на „техничко ниво“, а консензусот да се бара во моментот на нивното затворање.

За потсетување, во април годинава, Кос истакна дека никој не може да и даде гаранции на Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат.

Во јуни комесарката за проширување повторно нагласи дека не може да ни даде никакви гаранции дури и да ги внесеме Бугарите во Уставот. Таа дури го спореди македонскиот идентитет со тавче гравче, полнети пиперки и пинџур.

-Идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, тоа е нешто што го носиме во нашите срца и души, тоа е како ја чувствуваме нашата татковина, како се грижиме за нашата традиција. На пример, за манастирите, погачата, тавче-гравчето, полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. И никој ова не може да ви го одземе, истакна тогаш Кос.

Ваквата нејзина изјава наиде на лавина реакции од македонските граѓани.

Курир.мк