Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти ги искажа своите впечатоци по синоќешниот нерешен резултат со Осасуна (1:1) во 7. коло на шампионатот на Шпанија.
– За нас тоа не беше најдобриот ден, но заслуживме да победиме. Размислував за промена на изведувачот на пенали, но Бензема реализираше два од најважните пенали минатата сезона. Тој е најдобриот изведувач на пенали што го имаме во тимот. Немаме изговори. Составот беше многу добар. Играта не се одвиваше како што сакавме. Иако се уште можевме да победиме доколку постигневме гол од белата точка. Сепак, тимот одигра добро. Вакви натпревари се случуваат за време на првенството. Нашата многу добра серија заврши, но сега сакаме тргнуваме по нова. Кога Реал Мадрид не победува, никогаш не е среќен, изјави Анчелоти за „Марка“.
Во 78. минута од средбата дефанзивецот на Осасуна, Давид Гарсија, во сопствениот шеснаесетник го фаулираше напаѓачот на Реал Мадрид, Карима Бензема, а судијата досуди пенал по совет од ВАР, исклучувајќи го и Гарсија. Бензема го промаши пеналот откако ја погоди гредата.
Реал Мадрид првпат загуби бодови оваа сезона и ја пропушти шансата да се врати на првото место во поредокот. Сега Реал и Барселона имаат по 19 бодови на врвот на табелата во Ла лига.