Повод за овој прес е срамната и морбидна објава на социјалните мрежи од Бранко Тричковски, долгогодишен пропагандист и медиумски гласноговорник на СДС, кој во врска со настанот со лажната дојава за бомба во центарот на Скопје, пишува – цитираме: „Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчaното тело на Христијан!“, истакна на денешната прес конференција Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој морбиден испад не е изолиран случај, ниту дело на поединец со нарушена психолошка состојба. Тоа е резултат на системскиот очај и политичкиот банкрот на СДС, кои, свесни дека немаат што да им понудат на граѓаните, се потпираат на омраза, лаги и повици на насилство.
Кога мегафоните на СДС повикуваат на распарчување на премиерот, тоа не е хумор – тоа е црна пропаганда насочена кон создавање страв, поделби и дестабилизација во изборен период. Тоа е дел од стратегијата на една потоната партија, која, наместо идеи, нуди омраза и агресија.
Дополнително, фактот што медиуми кои важат блиски до СДС редовно ги објавуваат и промовираат ставовите на Тричковски, покажува дека станува збор за организирана хајка, диригирана од ист центар, со цел да се поттикне тензија, да се создаде впечаток на страв и да се измести фокусот од реалните теми што ја мачат државата и граѓаните.
Да нема забуна – ова не е еден човек што зборува сам за себе, ова е гласот на очајот на СДС, кој се слуша преку нивните медиумски издувни вентили.
Исто така, треба јасно да се потенцира и одговорноста на медиумите кои ги пренесуваат овие пораки — дали тоа го прават по налог и како дел од сценарио, или затоа што веруваат и се согласуваат со она што тој го пишува; во секој случај тие се соучесници во ширењето омраза и закани.
Повикуваме надлежните органи да проверат дали Тричковски има формални поврзаности со политички структури.
Јасно нагласуваме: ова не е слобода на говор, туку повик за убиство — повик за криминален акт против животот на друг човек.
Затоа, сите кои ги шират, ги оправдуваат или ќе го штитат овој човек немаат оправдување; тие се соучесници во поттикнувањето и нормализирањето на опасната реторика.
Ги повикуваме СДС јавно да се оградат од овој срамен чин.
Молкот е признание!
Доколку не се оградат, тоа ќе биде доказ дека ја одобруваат ваквата реторика и стојат зад неа.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја брани државата, институциите и демократијата од секој обид за насилство, без разлика од каде доаѓа.
Политиката не смее да биде поле за омраза, туку натпревар во идеи и визии.
Македонија нема да дозволи омразата да стане кампања, рече Андоновска на прес конференцијата.