Пописот особено во делот на политичките прашања е нелегитимен, затоа што му недостасува точност и комплетност. И тоа е затоа што над 132.000 граѓани резиденти во Македонија воопшто не се попишани и не ги знаеме одговорите на трите клучни прашања за нив во политичкиот дел, а тоа е националноста, мајчиниот јазик и преферираниот јазик или етницитетот, истакна Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Андоновски додаде токму тоа во пописот креира проблеми, што не се знае воопшто ништо за 132.000 граѓани.
-И вториот проблем кој што е уште поголем е онаа кампања што се тераше во дијаспората за доброволно регистрирање и таа личи на фарса, затоа што таму не се регистрирани околу 400.000 луѓе кои што имаат македонски пасоши, но не учествувале во тој процес. Кога ќе се собарет овие бројки, тогаш над 500.000 граѓани ги немаат кажано основните параметри етнички односно политички параметри и тоа го прави пописот целосно некомплетен. Па, ако сакате да го гледаме во неговата целина тој попис има сериозни недостатоци кои што медиумите и денеска ги наоѓаат, појасни Андоновски.
Според него оттука не може да се заклучи дека овој попис е целосно добар, по европски стандарди и одлично направен. Туку има сериозни недостатоци кои што креираат сериозна политички тензија и фрустрација.
-Ние предложивме модел уште минатата година кога работевме на спречување на ваков тип на попис, кој што Владата не сакаше да го послуша, а тоа е електронскиот регистар, односно електронски попис кој што успешно го прават европски држави кои што се на слична големина како на пример што е Словенија. И таму функционира. Значи на електронски начин на компарирање на повеќе на бази на податоци, 15-тина од прилика, се прави едно споредување на податоците со кои што се добива добар резултат. Кога Владата веќе избра еднострано да оди на ваков начин, таа требаше да знае дека над 60% во тој период, а сега над 75% од граѓаните не и веруваат. Значи ако Владата каже дека надвор врне, граѓаните отвораат прозорец да проверат да не е сончево. Значи воопшто немаат никаква доверба во институциите. Кога граѓаните немаат никаква доверба во институциите на системот, а Владата турка еднострано вакво решение, очекувано е дека тие граѓани ќе прибегнат на друга опција, а тоа е да не се попишат, заклучи Андоновски.