Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вечерва гостуваше во Тема на денот во Дневникот на Сител ТВ. Андоновски говореше за проектот за 55.000 ваучери од 15.300 денари за студенти, за кој досега имаат аплицирано 37.970 студенти, а над 17.000 студенти веќе подигнале електронски уред.
Министерот напомена дека овој проект освен што помага на оние кои најмногу им треба да добијат електронски уред, истовремено целата постапка е транспарентна и едноставна. Со ова, Андоновски смета дека корупцијата целосно се елиминира.
“Оваа услуга покажува борба против корупцијата. Овој систем не познава кое дете од каде доаѓа, кој студент какви родители има, системот не подразбира дали сте син или ќерка на некој функционер за да добиете ваучер, туку тој систем доделува ваучери на секој кој ги исполнува условите”, истакна Андоновски.
Дополнително, министерот истакна и дека изводот од матична книга на родени и уверението за државјанство се издаваат онлајн а со тоа директно се влијае на сузбивање на ситната корупцијата.
“Веќе не плаќате 400-500 денари на некој службеник во некоја канцеларија за побрзо да го издаде вашиот документ. Кликнувате, 20 секунди и го добивате документот на меил”, заврши министерот Андоновски.
МИА




